Во пресрет на утрешниот празник Свети Трифун, кој се одбележува во целата земја, а особено во Тиквешијата, неготинчанецот Ѓоко Ѓорчев на своите обожаватели им подари дует, што го сними со пејачката Кате Брезова. Станува збор за евергринот „Help me make it through the night“, од репертоарот на познатиот американски пејач Крис Кристоферсон, што тој го отпеа со Рита Кулиџ и Нора Џонс, а дел е од репертоарот на многу светски ѕвезди.
– Песната ја снимивме во студиото „Анастазија“, аранжер и продуцент е Љупчо Павловски, а волшебно ги отсвире гитарите Димитар Кочев. Песната што на мое големо задоволство ја отпеав со Кате Богоевска, со која со години одлично соработуваме. И двајцата со својата интерпретација и дадовме свој печет на оваа позната песна, која им е драга на припадници на повеќе генерации. Им ја посветивме на браќата Ѓоко и Киро Богевски и ќе се најде на мојот осми студески албум, со работен наслов „Дует“ – рече Ѓоко Ѓорчев.
Тој дополни дека како и досега неговиот пат ќе биде музиката, со која на сите што го подржуваат сите овие години, но и на сите луѓе кои ја сакаат убавата песна, и во иднина ќе им го разубавува секојдневието во овие тешки, пандемиски времиња.
М.Т.