Претставниците на бизнис-заедницата изразуваат сомнеж дека со можноста за отворање фирми со едно евро ќе се сузбие сивата економија и истакнуваат оти за нејзино намалување се потребни многу подлабоки системски промени
Наспроти очекувањето на Владата дека со најавената можност за регистрација на фирми само со едно евро ќе се намали сивата економија, претставниците на бизнис-заедницата уверуваат оти за тоа се потребни многу подлабоки системски промени.
Со предложените измени на Законот за трговски друштва се предвидува можност за отворање фирма со влог од само едно евро. Со тоа, новите трговски друштва, наместо досегашните пет илјади евра за основање фирма, ќе имаат значително помали трошоци, но со посебна ознака ќе се укажува дека фирмата е основна со едно евро. Како што се наведува во предложените измени што се во собраниска процедура, очекувањето е дека оваа измена ќе ја намали сивата економија во земјава.
– Целта на предлог-законот е да се овозможи основање друштво со ограничена одговорност со симболичен минимален износ на почетен основачки капитал од едно евро, од страна на лица граѓани што имаат идеја за водење бизнис, но немаат доволно средства во износ од најмалку 5.000 евра основачки капитал, за да почнат сопствен бизнис. Со примената на одредбите од предлог-законот се очекува и намалување на сивата, нелегална економија во државата. Со предлог-законот се воведува нов тип друштво со ограничена одговорност, кој го носи насловот „Поедноставено друштво со ограничена одговорност – ПДОО“. Се предлага воведување посебен режим за финансиско работење во однос на располагање со добивката, како и обезбедување и располагање со задолжителната резерва на друштвото – пишува во предлогот.
На формалната економија ѝ е потребна дерегулација
Сепак, претставниците на бизнис-заедницата изразуваат сомнеж за можноста само со оваа законска измена да се сузбие сивата економија и истакнуваат дека за нејзино намалување се потребни многу подлабоки системски промени.
– Можеби намалувањето на минималниот основачки влог ќе ја зголеми можноста за регистрација на фирми, но не можеме да очекуваме дека ова решение ќе ја намали сивата економија. Според мене, главната причина за сивата економија се високите фискални и парафискални давачки, огромната бирократизација на институциите, слабата контрола од страна на инспекциите, големите административни процедури, кои се особено товар за микро и малите претпријатија, високиот степен на мито и корупција, непријавената недозволена прекугранична трговија со стоки, високото учество на готовината во трансакциите, ниската доверба во институциите и слично – вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија.
Тој посочува дека за намалување на сивата економија е потребно намалување на регулацијата во формалната економија и објаснува дека наместо со дерегулација, во земјава непочитувањето на некои закони се решава со поголема регулација, што предизвикува спротивни ефекти т.е. уште поголемо непочитување.
– Предложената мерка може да доведе до одредена дерегулација и стимулирање за регистрација на нови компании, но причините за големата сива економија се многу подлабоки и потребни се многу поразновидни реформи – истакна Димитров.
Зошто многумина се одлучуваат да останат под сенката на сивата економија
Претставниците на Стопанската комора на Северозападна Македонија велат дека со можноста за отворање фирма само со едно евро се олеснува постапката од аспект на трошоците, иако, како што објаснуваат, со реформите за едношалтерскиот систем, постапката за отворање фирми веќе е поедноставена, додека постапката за стечај или ликвидација е доста сложена.
– Олеснувањето на процесот на отворање фирми не мора да значи дека ќе придонесе за намалување на сивата економија. Преоптоварувањето на бизнисите со фискални и даночни обврски, исто така и административните регулативи, кои првично претставуваат и пречка за бизнисите, се едни од главните причини поради кои многумина се одлучуваат да останат под сенката на сивата економија. За да се намали сивата економија и со тоа да се поттикне конкурентноста и да се зголеми продуктивноста, во земјата се потребни низа структурни реформи што опфаќаат повеќе институции, пред сѐ почнувајќи од правната држава и непристрасноста на инспекциските служби, независното судство и правосудни органи, олеснување на пристапот до финансии преку намалени каматни стапки од страна на банките, преку поддршка со грантови за млади претприемачи, но и заштита на постојните компании од нелојалната конкуренција со соодветни механизми, кои треба да ги спроведуваат Владата и надлежните институции – истакнуваат од СКСЗМ.
Само со ефикасност на институциите и со владеење на правото се елиминира нелојалната конкуренција
Од Комората додаваат дека со отворање нови фирми што ги почитуваат законите ќе се поттикне конкурентноста меѓу домашните компании. На овој начин ќе се подобри квалитетот на производите и услугите на домашните компании, со што ќе може да се прошират и на странските пазари.
– Растот на бројот на легалните ентитети значи поголем економски развој, од што ќе имаат корист земјата и макроекономската стабилност. Сметаме дека правната држава, ефикасноста на институциите и владеењето на правото треба да бидат столбови што ќе гарантираат дека субјектите што долго време придонесуваат во економијата, ќе бидат заштитени од нелојалната конкуренција. Нашата земја, според Глобалниот индекс на конкурентноста од 2019 година, во столбот на институции од вкупно 141 земја, се рангира на 84-то место. Кај индикаторот за товар од владините регулативи, нашата земја е на 105-то место. Кај индикаторот за права на сопственост сме на 119-то место, а во заштитата на интелектуалната сопственост на 121-то од вкупно 141 земја. Ова се едни од многуте сегменти што институциите во иднина ќе треба да ги елиминираат како проблеми со кои се соочуваат земјата и бизнис-заедницата – посочуваат од СКСЗМ.