Битолското основно јавно обвинителство оформи предмет по добиена анонимна пријава, во врска со постапувањето на гинеколози од Клиничка болница во Битола и едно лице, странска државјанка, за кое постои сомневање дека на 1 јануари годинава без лиценца за работа преземa медицинска интервенција.
Од СВР Битола вчера соопштија дкеа двајца доктори гинеколози во битолската болница, пречекорувајќи ги своите посебни овластувања во вршење на должноста, ѝ овозможиле на сопругата на едниот од нив, без соодветна лиценца за работа, да изврши породување со царски рез.
– Кон предметот е припоена и кривична пријава поднесена од СВР Битола против три лица заради преземени дејствија со кои ги пречекориле своите посебни овластувања и овозможиле лице без соодветна лиценца за работа да изврши оперативна интервенција врз родилка, односно породување со царски рез во ЈЗУ Клиничка болница Битола – се наведува во соопштението на обвинителството.
По завршувањето на интервенцијата, едно од лицата во оперативниот дневник внело невистинит податок, односно во графата податоци за оператор ги внело своите податоци и податоците на колегата, а од стариот оперативен дневник отстранило страници на кои третото лице ги запишало извршените оперативни интервенции.
На 3 февруари 2021 година јавниот обвинител издал наредба за вештачење на Оперативни дневници на Одделот за гинекологија и акушерство при клиничката болница во Битола, за кои постои сомнение дека содржат невистинити податоци, односно се отстранувани страници.