ЕХФ одново мораше да одложи мечеви во европските купови, и тоа дури 26, по 13 во машка и во женска конкуренција, поради новите рестрикции за патување во земји од Европа. Неодамна Извршниот комитет на ЕХФ одлучи дека 4 март е последен датум за одигрување на натпреварите од групната фаза
РАКОМЕТ
Како последица на новите рестрикции во Франција и во Германија поврзани со пандемијата на коронавирусот, Европската ракометна федерација (ЕХФ) одново мораше да одложи натпревари во европските купови, и тоа дури 26, од кои по 13 во машка и во женска конкуренција.
Кај мажите, одложени се пет натпревари во Лигата на шампионите (ЛШ) и осум во Лигата на Европа (ЛЕ), додека, пак, кај девојките, нов датум чекаат девет меча во ЛШ и уште четири во ЛЕ.
По завршувањето на есенскиот дел од сезоната, Извршниот комитет на ЕХФ одлучи дека 4 март е последен датум за одигрување на натпреварите од групната фаза.
Натпреварите што нема да се одиграат во предвидениот термин, треба да бидат регистрирани со службен резултат за еден од тимовите, во зависност од причините поради кои биле одложени.
Според бројот на одложени натпревари досега, се чини дека до 4 март тешко дека ќе се одиграат сите заостанати или одложени средби, па можно е сите тимови од Лигата на шампионите сезонава да играат во осминафиналната фаза. Не е познато како ќе се игра новоформираното натпреварување, Лигата на Европа, ако натпреварите од групната фаза не се одиграат во предвидениот рок.