Тимот од Минхен лани триумфира во ЛШ, Суперкупот на УЕФА, Бундес-лигата, Купот и во Суперкупот на Германија. Шест трофеи во една сезона од европските клубови досега освои само Барселона
ФУДБАЛ – ПОЧНУВА КЛУПСКОТО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО
Со денешните два натпревара, помеѓу првакот на Северна Америка, Тигрес (Мексико), и првакот на Азија, Улсан (Јужна Кореја), односно помеѓу шампионот на Африка, Ал Ахли од Египет, и Ал Духаил од земјата-домаќин, Катар, почнува клупското Светско првенство (СП), првиот поголем фудбалски настан годинава.
Шампионот на Европа, Баерн, ќе се приклучи во полуфиналето, в недела, и треба да игра со подобриот од мечот Ал Ахли – Ал Духаил. Во другото полуфинале првакот на Јужна Америка, Палмеирас од Бразил, треба да игра со победникот од дуелот Тигрес – Улсан. Финалето е на 11 февруари.
Европскиот и германски првак Баерн, во најсилен состав, со Роберт Левандовски, Мануел Ноер, Томас Милер, ќе се обиде да ја додаде и титулата светски првак во својата колекција, шести трофеј во претходните 12 месеци, што од европските клубови ѝ успеало само на Барселона. Баварците веќе триумфираа во Лигата на шампионите, Суперкупот на УЕФА, Бундес-лигата, Купот и во Суперкупот на Германија.
Баерн има триумф во ова натпреварување во 2013 година. Ноер, Милер, Џером Боатенг, Давид Алаба и Хави Мартинез ќе имаат шанса вторпат да станат клупски светски шампиони, со четвртата глобална круна за Баерн, кој го освои и Интерконтиненталниот куп во 1976 и во 2001 година.
– Со нетрпение го чекам ова натпреварување, бидејќи имам убави спомени кога првпат го освоивме. Тогаш тоа беше непосредно пред Божиќ, одличен начин да се заврши годината. Сега имаме шанса да одиграме два натпревара во Катар и решени сме да ја освоиме шестата титула што е дополнителна мотивација за нас – изјави Ноер.