КИЧЕВО
Благодарение на хуманите жители на Белица од дијаспората и од земјава, а најмногу благодарение на Раде Момироски, кој е повратник од странство, руинираната училишна зграда изградена пред 75 години во Белица, полека се претвора во нов културен регионален центар. Секој што ќе дојде во ова село ќе се восхитува на она во што амбициозните селани го претвориле овој објект, во кој до осумдесеттите години се одвивала настава во училиштето од прво до осмо одделение.
– За да го спасиме од целосна пропаст објектот на поранешната училишна зграда во нашето село, најпрвин формиравме Здружение на месна заедница, за да можеме да отвориме жиро-сметка, а преку социјалната мрежа Фејсбук отворивме страница, за да ги запознаеме нашите беличани надвор од земјава со сите активности што тековно се вршат во селото. Благодарение на дијаспората, најголем дел од старата училишна зграда е преуредена во речиси нов објект, а во оваа операција со повеќе доброволни акции се вклучија и месните жители, додека за мал број зафати ангажиравме мајстори однадвор, кои за извршената работа беа исплатени од собраните средства. Покрај приземјето што во целост го преуредивме, објектот го надградивме со соби за ноќевање на наши пријатели и соселани што немаат свои куќи во селото, кога ќе се вратат на одмор, тука да престојуваат одредено време. Откако го спасивме објектот од целосна пропаст, посветивме повеќе внимание и на дворното место каде што изградивме и игралиште за мал фудбал и паркинг за автомобили – истакна Раде Момироски, кој не заборави да потсети дека за новите зафати на овој објект финансиска помош добиле од А.Д. ЕВН, пари што се потрошени за купување материјали.
Во целокупниот зафат помогнале и „Македонски шуми“ со донација на дрвена граѓа.
– За целосно заокружување на овој објект ја уредуваме и внатрешноста, каде што е изградена сала што ќе служи за разни културни, верски, спортски и други манифестации, како и собиралиште за слободни активности. Ќе има билијард, табла за пинг-понг, пикадо и слично. Другата сала од приземјето од оваа зграда ќе се претвори во младински клуб за забава и дружење на младите од селото и нивните гости. Оваа сала со површина од 450 квадратни метри ќе се погрижиме да има реквизити и за деца, а истото тоа ќе го направиме и во дворното место на објектот. Со сите зафати што ги завршивме изминатиот период, старото училиште сакаме да го направиме културен регионален центар за развој на сите околни села и да го привлечеме младиот свет да ги цени и почитува природните убавини во нашиот крај, кои во ништо не заостануваат зад оние на Запад. Очекуваме до лето да завршат сите активности во довршување на овој објект – заврши Момироски.
Инаку, селото Белица има хидроцентрала за струја само за селото, има повеќе ковачници, влачарници, колари и други занаети. Тоа е село на три реки и голем број мостови, многу убавина на едно место што треба да се доживее.