Во текот на вчерашниот ден беше спроведена нова акција од страна на Штип Арт Активистите насловена како “Сонот на штипјани”.
– Оваа акција ја спроведовме како резултат на претходно направеното он лајн истражување со граѓаните на Штип каде тие потенцираа и издвојуваа најголеми проблеми со кои се соочуваат во секојдневното живеење. Во најголем број граѓаните укажаа на проблемот со нечистотијата и ѓубрето, не безбедни пешачки премини и немањето на рампи за инвалидни лица, небезбедни булевари, тротоари кои служат за паркинг наместо за пешаци, осветлување на улици, потребата од зелени површини, функционални и безбедни детски игралишта и недостаток на кино. Сонот на штипјани се да нема сообраќаен метеж и имаат проодни и безбедни булевари и тротоари, чиста животна средина ,повеќе зелени површини за рекреација и кино. Овие соништа за поубав, почист, безбеден и зелен Штип, ги прикажавме преку поставени табли низ локации во градот каде граѓаните во истражувањето ги потенцирале како проблематични – велат организаторите.
Тие апелираат до граѓаните и до јавните претпријатија во градот и општината за поголема грижа за чист и зелен град, осветлување на улиците, санкционирање на несовесните возачи кои ги користат тротоарите за паркинг и узурпираат простори наменети за пешаци, побезбедни и прегледни булевари за поголема безбедност во сообраќајот и нови зелени површини наменети за рекреација.