Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски информираше дека веќе е поднесена иницијатива до Основното јавно обвинителство (ОЈО) за случајот со директорот на болницата во Струга д-р Мухамед Асани.
Во текот на вчерашниот ден од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) на д-р Асани му беше издадено решение за забрана за вршење на здравствена дејност во ординацијата која се наоѓа во неговиот дом. А Лекарската комора врши стручен надзор за случајот.
Николовски ги охрабрува граѓаните да пријавуваат вакви случаи за институциите да можат да постапуваат навреме, а истакна дека секој ваков случај треба да се расчисти до крај.
ДСЗИ во ординацијата која се наоѓа во домот на д-р Асани, веќе изврши вонреден инспекциски надзор со полициска асистенција, како што налагаат правилата за надзор во објект каде нема обележано дека постои приватна здравствена устанува, како што вчера соопштија од Кабинетот на Николовски. При надзорот забележана е потполно опремена гинеколошка ординација за која нема никаков документ, како што се потребните дозволи за работа и за основање на фирма. До ДСЗИ пристигнале и четири нотарски заверени изјави од пациентки, кои потврдуваат дека докторот им вршел прегледи во ординацијата сместена во неговиот дом.