Косовскиот претседател Хашим Тачи денеска реагираше на гласините дека во финалната рунда на дијалогот со Србија ќе се разговара за поделба на Косово и за размена на територии, катеогрички порачувајќи дека нема да има делба на Косово и дека нема да се прифати ниту да се разговара за такво нешто.
– Како претседател на државата ве уверувам дека нема таква сила која ќе нė принуди да расправаме за поделба на Косово – изјави Тачи на денешната прес-конференција во Приштина, одговарајќи на наводите во косовските медиуми дека неговата неодамнешна изјава оти во преговорите со Белград „нема да има црвени линии“, значи дека ќе се расправа и за промена на границите.
Тој порача дека, како главен преговарач од косовска страна, ќе работи на тоа финалниот договор да биде согласно Уставот и законите на Косово и изрази уверување дека дијалогот ќе се затвори со меѓусебно признавање меѓу двете земји.
Конечниот договор со Белград ќе значи „меѓусебно признавање и можност Косово да се зачлени во ОН, НАТО и Европската унија“, изјави косовскиот претседател.
Тачи ја спомена и Конференцијата во Рамбује од февруари 1999 година и прогласувањето независноста на косовската држава, нагласувајќи дека „кога власта и опозицијата беа заедно, секогаш се постигнуваа добри резутати“.
– Секогаш кога донесувавме заеднички одлуки излегувавме со добри резултати, како во Рамбује, кога ја извојувавме победата и во Виена со независноста, изјави Тачи во повикот до сите партии да се приклучат за изнаоѓањето консензус за финанлните преговори со Белград, кои треба да продолжат во септември годинава.
Косовската опозиција одбива да го прифати Тачи како главен преговарач со Србија, со став дека тој нема добиено легитимитет од Собранието, додека владејачките партии тврдат дека тој легитимитет му произлегува од Уставот и законите на Косово.