Поради големиот интерес, на 22 јануари повторно ќе се одржи гала оперски концерт со почеток во 20 часот, информираат од Националната опера и балет (НОБ).
На него ќе настапат солистите: Сандра Митровска (сопран), Катерина Стојановска (сопран), Ѓорѓи Цуцковски (тенор) и Марјан Јованоски (баритон), во придружба на оркестарот при НОБ, под диригентската палка на Бисера Чадловска.
Во вториот дел, публиката ќе има можност да го проследи балетот „Болеро“ од Морис Равел, во кореографија на Саша Евтимова, подготвена во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести. Тоа е балет под маски, без допир и на дистанца.
Ќе настапат женскиот балетски ансамбл, Катерина Стојановска – сопран и Оркестарот на НОБ.
Диригент ќе биде Бисера Чадловска, концерт мајстор Јане Бакевски, кореограф Саша Евтимова, костимограф Марија Пупучевска, светло дизајн Милчо Александров.
Настанот ќе се одржи според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата ковид-19 за одржување настани.
Задолжително е носење на заштитна маска, а влезот за публика ќе биде отворен еден час пред почетокот на настанот.