Економско-социјалниот совет на денешната седница, со која претседаваше министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, дискутираше по неколку точки од кои најзначајно место зема усвојувањето на новиот Оперативен план за активни мерки и програми за вработување за 2021 година.
– Со Оперативниот план за вработување за 2021 во континуитет продолжува стремежот за што поголем опфат на невработени лица со мерките за вработување, како и креирање на ад хок мерки согласно новонастаната состојба на пазарот на труд, предизвикана од пандемијата од ковид-19. Притоа, посебен акцент беше ставен на директната интервенција на пазарот на трудот и повторно вклучување на лицата кои ги изгубиле своите работни места како резултат на пандемијата – се наведува во соопштението.
Министерката Шахпаска истакна дека министерството во чиј фокус се ранливите категории на невработени лица, продолжува со креирање политики и мерки со цел помош и поддршка за нивна успешна активација на пазарот на трудот.
Таа додаде дека со оглед на успешноста на Оперативниот план за 2020 година и новонастаната состојба предизвикана од пандемијата, оваа година трансферот на средства за програми за вработување е зголемен за повеќе од четири пати во однос на минатата.