Најстабилните фирми што дејствувале во услови на пандемија се од преработувачката индустрија / Фото: Игор Бансколиев

Во земјите од Западен Балкан се подготвуваат последните пакети на економска помош за деловните субјекти, кои годинава ќе се соочуваат со неизвесноста од епидемијата, но и со обврската на исплата на репрограмираните обврски за даноци и за придонеси

Претпријатијата во земјите од Западен Балкан ги чека нова неизвесна година на деловен план поради продолжувањето на корона-кризата. Само мал број фирми го задржале истиот обем на работа од пред почетокот на пандемијата, а заздравувањето на најпогодените сектори сѐ уште зависи од помошта од националните влади, кои ги носат и последните пакети за финансиски олеснувања. Од наредниот месец, пред деловните субјекти се и обврските за враќање на неисплатените даноци и придонеси за периодот на репрограмирање на нивните долгови.
Во Хрватска најстабилните фирми што дејствувале во услови на пандемија најдобро работеле во преработувачката индустрија, а негативните последици најмногу ги почуствувале економските субјекти во туризмот и во угостителството. Хрватската агенција „Фина“ презентира информација во која 1.251 фирма функционирале со минимален ризик од неисполнување на обврските и имале добар кредитен рејтинг. Од нив, 1.085 не аплицирале за финансиската помош од Владата наменета за поддршка на економските субјекти, со што го потврдиле квалитетот во услови на корона-криза, се наведува во анализата на финансиската агенција.

Методологијата на „Фина“ за пресметување на кредитниот рејтинг на претпријатијата се темели на процена на веројатноста на настапување на статусот за неисполнување на обврските, што е усогласено со принципите од Базел. Кредитниот рејтинг се пресметува според поднесените годишни финансиски извештаи, податоците за блокади, стечаите, претстечајните постапки и ликвидациите. Рејтинг-скалата е единствена за сите големини на претпријатијата и таа е подложна на промени.
Најдобрите фирми во кризата биле во преработувачката индустрија (263) и во трговијата на големо и мало (259). Следуваат фирмите од стручната, научната и техничката дејност (133), потоа од градежништвото (87), фирмите за снабдување и дистрибуција на вода (63). Најдобро стопанисувале фирмите што биле лоцирани во градот Загреб и Загрепската жупанија, во Истра и Сплитско-Далматинскиот Регион.
Податоците за пријавената даночна основица од фирмите покажуваат пад од 8,7 отсто, односно 574 милијарди куни во периодот јануари – септември 2020 година. Најголемо намалување на прометот има кај субјектите што нуделе сместување и услуги со храна за 45,1 отсто. Втората група со најмали остварени приходи се уметноста, забавата и рекреацијата, со 30,2 отсто, и административно и помошните услужни дејности, со намалување на прометот од 26,5 отсто.

Во Србија се подготвува нов пакет на финансиска помош за фирмите од угостителството, туризмот и сообраќајот, кои се најпогодени од примената на рестриктивните мерки за спречување на ширењето на коронавирусот. Според најавите, државата ќе им исплати половина од износот на минималецот за секој редовно пријавен работник, или до 48.000 динари. Најзагрозените сектори може да сметаат и на една исплата повеќе, односно на дополнителни 16.000 динари по вработен.
Но најверојатно тоа ќе биде и последната државна помош и сите фирми што лани се определиле за петмесечно одложување на плаќањето на данокот и придонесите, деновиве добиле известување дека отплатата на нивните обврски почнува од 10 февруари. Долгот може да се плати на 24 рати, објави РТС.
Помошник-директорот на Даночната управа на Република Србија, Саша Дулиќ, вели дека се репрограмирани околу 78 милијарди динари долг. Некои од фирмите претходно отплатиле дел од сумата за даноци и за придонеси.
Од здруженијата на работодавците велат дека нема да биде лесно да се исплатат заостанатите долгови во исто време кога пристигнуваат и тековните обврски за даноци и за придонеси.
– Добивме добри пораки од претседателот на државата за помагање на домашната економија. Тоа нема да биде како лани, но сепак е значајна помошта, особено во оние области во кои досега е забележан голем пад на приходите – изјави Небојша Атанацковиќ, претседател на Унијата на работодавци во Србија.

Во Македонија, 6.200 компании ставиле клуч на врата минатата година, а дури 80 отсто од згаснатите компании се микро, кои вработуваат до 10 лица, покажуваат податоците од Централниот регистар. Најголем дел фирми се затворени по службена должност, односно поради неактивност и неподнесување годишни сметки. Петстотини отишле во стечај, а 1.200 се ликвидирани по барање на сопствениците.
Статистиката на Централниот регистар покажува дека ланската година не била најцрна и дека овие бројки се во рамките на просекот. Но очекувањата на бизнисот се дека најлошото може допрва да дојде, ако секне државната помош. Министерот за економија Крешник Бектеши го најави одобрувањето на петтиот сет економски мерки, со кој ќе бидат поддржани најпогодените компании. За оваа намена во буџетот за 2021 година се обезбедени 50 милиони евра. Реализацијата на овие економски мерки во согласност со плановите ќе почне во февруари.