КИЧЕВО

Покрај производството на електрична енергија од јагленот добиен од површинскиот коп на рудникот „Осломеј“, на истиот локалитет се гради фотонапонска централа, а на дел од депресијата на постариот рудник се создаде вештачка акумулација, која се претвори во вистински рај за риболовците и љубителите на убавата природа.
Ова езеро се протега на површина од над 40.000 квадратни метри, има стабилен водостој и максимална длабочина од околу 50 метри.
– Вештачката акумулација што се создаде на депресијата од постариот рудник „Осломеј“ веќе е добро етаблирана кај сите риболовци и љубители на убавата природа. Нашите планови се наскоро да се изврши комплетна рекултивација на крајезерскиот појас, дополнета со повеќе содржини што ќе го претворат овој простор во уште попривлечен локалитет – велат одговорните од РЕК „Осломеј“, од каде што најавуваат формирање на уште една акумулација на депресијата од рудникот „Осломеј-запад“.
Вештачкото езеро, според процените на првите луѓе на рудникот, ќе биде со многу поголема површина и длабочина.

– По завршувањето на експлоатацијата на преостанатиот јаглен од површинскиот коп „Осломеј-запад“, кога ќе престанат со работа пумпите за исфрлање вода од подземните извори, на оваа локација ќе биде формирано вештачко езеро многу поголемо од постојното и со поголема длабочина. Вештачкото езеро на досегашниот рудник „Осломеј-запад“ ќе се формира најдоцна за две-три години, по што на релативно мал простор, оддалечени едно од друго околу два километри, ќе имаме две вештачки акумулации што ќе придонесат за развој на туризмот и спортскиот риболов во нашата општина – додаваат од „Осломеј“.
Оваа информација секако дека ќе ги израдува спортските риболовци, а близината на магистралниот пат до овие езера во целост ќе го променат имиџот на кичевскиот регион.
Спортските риболовци од Кичево и пред сѐ членовите на новоформираното спортско риболовно друштво „Хантер-фиш“ со задоволство ја примија оваа вест.

– За нас членовите ова е најпријатната вест што ја имаме добиено на почетокот од новата година. Ако до вчера во блиската околина немавме соодветни услови за спортски риболов, бидејќи реките беа преполни со секаков вид отпад и речиси мртви, за кратко време ќе имаме два езерски бисери на една микролокација, кои драстично ќе го променат имиџот на нашиот регион, бидејќи со уредувањето на земјиштето и со изградба на соодветни објекти ќе бидеме вистински магнет за спортски риболов и уживатели на убавата природа. Очекуваме транзитерите што поминуваат низ Кичево, овој пат, барем некој час да поминат крај овие езера и таа традиција на дружба да ја продолжат со своите другари, пријатели и познаници – вели Мире Ночески, член од потесното раководство на спортско-риболовното друштво „Хантер-фиш“.