Феликс Бек започнал мал бизнис кој прераснал во стартап-компанија што ги трансформира стапчињата за јадење во сè, од нови трпезариски маси до скалила, пренесува „Гардијан“.
Бек бил докторанд на канадскиот универзитет „Британска Колумбија“ во Ванкувер кога почнал да им дава нова употреба на искористените стапчиња за јадење.
Бек дошол до идејата кога не можел да ја поднесе секојдневната практика според која стапчињата на големо да се фрлаат по само една употреба. Тој ја основал стартап- компанијата „ЧопВелју“ со една единствена цел – да рециклира стапчиња за јадење, кои најчесто се прават од бамбус и од нив да прави нови корисни предмети.
– Се обидувам да ги убедам луѓето дека не постои нешто такво како отпад – вели Бек, кој првин стапчињата ги наоѓал во многубројните ресторани во Ванкувер.
За четири години Бек рециклирал повеќе од 32 милиони стапчиња и отворил 40 работни места.
– Овие стапчиња патуваа речиси 10.000 километри за да се најдат на вашата маса, за потоа да се фрлат по само 20-30 минути. Не можете да се чувствувате добро после тоа – вели Бек.
Компанијата ја проширила работата низ цела Северна Америка, собирајќи стапчиња од САД и Канада, од ресторани, како и од трговски центри, аеродроми и од универзитети. Само од Ванкувер, во „ЧопВелју“ неделно се собира 350.000 искористени стапчиња. Сега производите на компанијата се продаваат преку нејзиниот сајт. Меѓу производите може да се најде работно биро во кое се вградени 9.600 стапчиња и кујнска даска од 886 стапчиња.