Босна и Херцеговина е во редот на земјите со најголем степен на минирани подрачја. Во повеќе од 60 земји и територии постои опасност од мини, касетна муниција и експлозивни средства останати од војните
По повод четврти април, Меѓународниот ден на борбата против мини, Федералната управа за цивилна заштита, која се занимава и со деминирање на подрачјето на Босна и Херцеговина вчера се вклучи во кампањата „Заедно против мините“. Деминерскиот тим на федералната управа во централниот дел на Сараево постави симулирано минско поле и го демонстрираше начинот на работа за отстранување експлозивни средства од времето на војната во БиХ. Алден Чешко, еден од деминерите, рече дека никогаш не се знае каде сѐ граѓаните може да најдат неексплодирани убиствени средства. – Босна и Херцеговина сѐ уште не е исчистена од мини, но ние вредно работиме секој ден да го исчистиме теренот.
Работам со кучиња трагачи за мини и можам да гарантирам за тој простор дека е безбеден за движење на граѓаните. Мислам дека нема случај на местото на кое претходно е работено на пронаоѓање мини да експлодира некоја заостаната мина – вели Чешко. За него е посебно задоволство да ги отстранува неексплодираните експлозивни направи. Пред една година работел со кучето Аска, кое загинало. Во сеќавање му останале сликите кога го расчистувале теренот во околините на Олово за да се спаси едно дете. – Необјасниво е чувството кога успешно ќе се заврши со среќен крај – вели Чешко. Сега тој има ново куче со кое тренира на импровизирани мински полиња. По тренинзите следува прошетка со кучето. Нема ден да не излезат на некое ново вистинско минско поле.
Босна и Херцеговина е во редот на земјите со најголем степен на минирани подрачја. Во повеќе од 60 земји и територии постои опасност од мини, касетна муниција и експлозивни средства останати од војните, а на овие подрачја живеат повеќе милиони луѓе. Овие се неселективни убијци, кои секојдневно одземаат човечки животи. Во просек секој ден околу 20 мажи, жени и деца се жртви од експлозии од поставени мини. Кампањата, која е веќе почната, е насочена кон издигнување на свеста кај населението и за соочување со проблемот за контаминации на мини и со проблемите поврзани со нивно отстранување.