Брисел – Тринаесет земји-членки на ЕУ во писмо до Европската комисија го повикаа Брисел да им помогне на источните соседи на ЕУ да го вакцинираат своето население против ковид-19. „Сметаме дека нашите граници нема да бидат безбедни ако не ја прошириме нашата поддршка за нашите први соседи“, стои во заедничкото писмо на министрите за надворешни работи на 13-те земји: Бугарија, Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Унгарија, Летонија, Литванија, Полска, Романија, Словачка и Шведска.
Џакарта – Вулканот Марапи во Индонезија почна да исфрла пепел, а околу 500 жители се евакуирани од околните села. Облаците пепел достигнаа висина од 200 метри над кратерот. Индонезискиот Центар за истражување и развој на геолошките катастрофи соопшти дека облаците пепел се шират на околу еден километар од вулканот, јави АП.
Кабул – Продолжуваат смртоносните напади низ Авганистан и покрај продолжувањето на мировните преговори меѓу талибанците и Владата за да се стави крај на речиси две децении војни во државата. Во јужната провинција Хелманд пет цивили беа убиени, а најмалку четворица други беа ранети. Во соседната провинција Орузган во експлозија на автомобил бомба загинале шестмина припадници на безбедносните сили. Шест припадници на безбедносни сили, исто така, биле убиени и уште двајца биле ранети во напад врз база во северната провинција Кундуз.
Берлин – Продолжувањето на иранското збогатување ураниум до 20 проценти претставува голема опасност за ширење на нуклеарното оружје и „дополнително го минира“ меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма, објавија владите на Германија, Франција и Велика Британија. Трите земји, кои се потписнички на договорот, сметаат дека „нема веродостојно оправдување“ за новото отстапување на Иран од договорот и се повикува Техеран „веднаш да го прекине процесот на збогатување на ураниум“. Берлин, Париз и Лондон изразија загриженост за „очигледното кршење“ на иранските обврски.