Фото: Игор Бансколиев

ЕКСКЛУЗИВНО ЗА „НОВА МАКЕДОНИЈА“

На прашањето кои се најголемите политички предизвици и приоритети за Македонија, ексклузивно за „Нова Македонија“ одговор даваат претседателот на државата, Стево Пендаровски, и лидерите на најголемите политички партии, Зоран Заев на СДСМ и Христијан Мицковски на ВМРО-ДПМНЕ. Секој од нив од свој агол дава свое видување за предизвиците и приоритетите на државата за идната година


Пендаровски: Судството и справувањето со корупцијата остануваат предизвик

Во изјава за „Нова Македонија“, претседателот на државата, Стево Пендаровски, ја дава својата визија за тоа кои се најголемите предизвици со кои ќе се соочи државата во наредната 2021 година.
– Пандемијата на ковид-19 останува предизвик и во 2021 година. Вакцинацијата ќе биде голем потфат на кој ќе треба да работиме за да постигнеме голем процент на имунизација на населението. Ќе биде потребна заедничка работа на сите институции за здружено да ги надминеме системските слабости што ни ги покажа пандемијата и да се справиме со последиците што ги остава во повеќе клучни сектори – вели Пендаровски.
Шефот на државата додава дека на домашната агенда, судството и справувањето со корупцијата остануваат предизвик, мора да се спроведат неопходните реформи и ова е прашање што мора да остане како наш приоритет.
– На планот на надворешната политика, како НАТО-членка е потребно да продолжиме со исполнување на преземените обврски во рамките на Алијансата, како и инвестирање во обука, опрема и модернизација на армијата. Мораме да продолжиме со работа на европската агенда, во надминување на пречките за почеток на преговорите со ЕУ, како и потребните реформи на кои се обврзавме. Во таа насока, ќе продолжиме и со придонесот во преостанатите меѓународни и регионални организации и иницијативи во кои членува Северна Македонија – заклучува македонскиот претседател Пендаровски.


Мицковски: Враќање на Македонија на брза лента

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, во изјава за „Нова Македонија“ информира дека за него како претседател на најголемата политичка партија во Македонија приоритет и досега и во следната година ќе бидат Македонија и зачувување на интересите на сите граѓани.
– За жал, Македонија ја чека тешка година затоа што власта не стори ништо во 2020-та, напротив само ги наруши односите и меѓу луѓето, но и на Македонија на меѓународна сцена. И нема да стори ништо поразлично ниту во 2021 г. – вели Мицкоски.
Според него, Македонија со Зоран Заев ја чека само година со неизвесност на здравствена план со неизвесна борба со епидемијата, Македонија со Зоран Заев ја чека година на уште едно економско пропаѓање со нови затворени погони и луѓе на улица, Македонија ја чека ново поглавје во криминалот наместо во евроинтеграциите, и ниту П од право и правда.
И најважно, Македонија ја чека ново продолжение на предавничките политики на Заев, кој заради својата иднина во создавање државен наркокартел, ја распродава националната историја, онака како што ветил.
– Поради сето ова, најголем приоритет за 2021 година е рушење на оваа ненародна криминогена власт на Зоран Заев и макотрпна работа за враќање на Македонија на брза лента кон вистинските вредности – порачува Мицковски.


Заев: Вакцинација на населението – прв приоритет

Фото: Игор Бансколиев

Премиерот Зоран Заев за „Нова Македонија“ вели дека за сите нас, за целиот свет, годината што одминува ќе остане запаметена како тешка година полна со голем број предизвици за најважното, здравјето на човекот, но и за економијата.
– И во такви вонредни услови, сепак, нашата држава покажа сериозен капацитет за справување со овие предизвици, здравствени, економски и, што е многу важно, успеа да продолжи напред. Успешно се справивме со налетот на вирусот, навреме презедовме економски мерки за помош на граѓаните, работниците и фирмите, а токму во оваа 2020 година остваривме и клучен стратегиски приоритет, станавме и 30-та земја-членка на НАТО, 2021 година ќе биде подобра година, важна за нашата татковина и за сите нејзините граѓани – вели Заев.
Тој вели дека најголем предизвик, но и прв приоритет на Владата предводена од СДСМ за следната година, е процесот на имунизација на населението, преку вакцинација против коронавирусот.
– Пред нас е шансата конечно да ставиме крај на вирусот. Владата, Министерството за здравство, надлежните институции сите се посветени на навремена набавка на вакцини за најголемиот дел од граѓаните да бидат вакцинирани и заштитени од коронавирусот. Тоа е наш најголем приоритет – објаснува Заев.
Според него, паралелно со тој процес, се продолжува со реализирање економски мерки и нови пакети за помош на граѓаните и фирмите, но и враќање на претходните стапки на економски развој, зголемување на продуктивноста и конкурентноста на македонската економија.
– Во 2021 година преку стратегискиот документ „Акција 21“ ги носиме европските стандарди дома. Преку десетте приоритети содржани во „Акција 21“ правиме позитивна трансформација на македонското општество, но и ги забрзуваме процесите за европска Северна Македонија. Ние сме подготвени да ги започнеме преговорите со ЕУ, што ќе се случи откако ќе најдеме прифатливо решение за прашањето со Бугарија, решение што нема да навлегува во нашиот идентитет и посебност. Процесот на филтрација на судството, кој веќе и во практика почна да се спроведува, овие денови ќе продолжи и следната година, конечно нашата држава ќе добие силно, независно и ефикасно правосудство во кое ќе нема место за нечесните и непрофесионални кадри. Борбата против дезинформациите, против лажните вести, се еден од предизвиците за наредната 2021 година на кои како влада ќе бидеме посветени – истакнува Заев.
Премиерот подвлекува дека меѓу десетте приоритети од „Акција 21“ се и спроведување попис според стандардите на Еуростат, вложувања во енергетиката и инфраструктурата, реформи на образованиот систем, како и искористување нови економски потенцијали.
– И во следната, 2021 година СДСМ преку институциите што ги предводи продолжува со реализација на мерките и проектите дадени како збор пред граѓаните. Продолжува грижата за нашиот народ, за работниците, фирмите, пензионерите, младите, здравствените работници, полицајците, војниците, просветарите, за сите еднакво. Пред нас е година на голем број предизвици, но и уште повеќебројни мотиви да продолжиме да работиме уште повеќе во интерес на нашите граѓани и нашата држава. Тоа и ќе продолжиме да го правиме – резимира Заев.

[email protected]