Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов ги додели наградите на најдобриот пожарникар, полициски службеник и крводарител во Скопје за 2020 година.
Наградата за најдобар пожарникар за 2020 година ја доби Никола Мајнов – пожарникар спасител во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.
Дарко Јовановски, вработен во Полициска станица од општа надлежност „Гази Баба“, ја доби наградата за најдобар полициски службеник.
Звонко Васев е истакнат крводарител кој ја потврдил својата хуманост со 89 дарувања крв и ја добива наградата за крводарител на годината.
– Скопје е град на солидарноста и ние ја чуваме таа традиција, а хуманоста и солидарноста стана дел од нашите животи, од начинот на живеење на скопјани. Во овие тешки времиња, особено тешки животни услови и ситуации предизвикани од ковид-19, не можеме да ги заборавиме оние што се истакнале со својата хуманост преку своите дела. Се надевам дека овие награди ќе бидат мотив за добитниците, за нивните колеги, како и за сите нас, како колеги и граѓани да бидеме похумани и посолидарни и да се обидеме да помогнеме секогаш кога можеме, кога на некого ќе му биде потребна помош – рече Шилегов.