Руското Министерство за здравство објави дека го прекинало приемот на нови волонтери за главните тестови на вакцината „спутник в“, пренесува „Ројтерс“.
Министерството наведува дека над 31.000 волонтери веќе биле вакцинирани како дел од тековните истражувања во Москва, од кои една четвртина добиле плацебо.
Александар Гинзбург, директор на рускиот Истражувачки центар „Гамалеја“, претходно изјави дека Министерството за здравство дозволило промена на форматот на тестовите за пострегистрација на вакцината „спутник в“, така што на волонтерите веќе нема да им се дава плацебо, туку само вистинска вакцина бидејќи веќе се покажало дека е безбедна.
Тој исто така рече дека приближно 440.000 од првите вакцини „спутник в“ се дистрибуирани за вакцинирање на граѓаните и дека набргу ќе бидат достапни уште 200.000.
Вакцината „спутник в“, произведена од Институтот за научно истражување „Гамалеја“, беше регистрирана во Русија на 11 август, со што стана прва регистрирана вакцина против коронавирусот во светот.