НАЈСТАРАТА АСОЦИЈАЦИЈА НА ЛЕКАРИ СЛАВИ 75 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ

Македонското лекарско друштво, по повод 75 години постоење, го одржа 20-от медицински конгрес, на кој учествуваа повеќе од 700 учесници и врвни предавачи од сите дејности во медицината од нашата земја и од странство. Настанот се одржа онлајн, а во соработка со Медицинскиот факултет беа презентирани трудови со актуелни теми за третман и лекување одделни заболувања. На конгресот беа одржани 32 сесии и седум стручни симпозиуми, а покрај наши предавачи, предавања и активно учество имаа врвни лекари од Турција, Франција, Германија, Израел, Португалија, Грција, Бугарија, Хрватска, Србија, а предавачи имаше и од Вухан, Кина.
Поради актуелната состојба со пандемијата, многумина од презентерите се осврнаа со најнови сознанија, истражувања и третмани на пациентите во лекувањето од овој смртоносен вирус. Претседателот на МЛК, проф. д-р Горан Димитров, вели дека бројката на регистрирани учесници годинава била навистина импозантна.
– Овие седумстотини учесници, како и наши еминентни и странски предавачи, се доказ дека Македонското лекарско друштво ја одржува традиционално едукацијата на лекарите во земјава. Бидејќи конгресот го организиравме во соработка со Медицинскиот факултет, забележително беше и учеството на специјализантите што во оваа пригода навистина имаа што да научат.

Стекнатите знаења и размената на искуствата, особено сега, во услови на пандемија, немаат цена. Виртуелното „дружење“ и покрај вонредните ангажмани на лекарите во услови на пандемија, ги собра лекарите од сите дејности на едно место, кои со голем интерес ги следеа речиси сите сесии и стручни симпозиуми. Предавањата беа проследени со богати дискусии, кои беа најдобар филтер на презентираните и стекнатите знаења и искуства – рече претседателот.
Тој додаде дека најстарата асоцијација на лекари во државата, својата повеќедецениска традиција во дејноста на континуирана медицинска едукација уште еднаш успешно ја оствари и овој конгрес уште еднаш беше извонредна можност за стекнување нови знаења и за размена на искуства.
– Виртуелната комуникација меѓу досега најголем број на пријавени лекари учесници барем накратко им го разведри секојдневието, во која тие ја водат најголемата битка за спасување на животите на болните од ковид-19 – додаде проф. д-р Димитров.