Во ЛШ, Баерн забележа 15 победи во низа, а Марсеј 13 порази по ред. Вилјареал постави два нови рекорда во ЛЕ, за најмногу освоени бодови и голови во групната фаза, а поединечно рекорди поставија и фудбалери и тренери
ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ И ЛИГА ЕВРОПА НИЗ БРОЈКИ
Во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) неодамна завршија натпреварите во групната фаза по кои се познати тимовите што ќе ги продолжат настапите во следната, нокаут-фаза. Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница низ бројки направи пресек на мечевите по групи и издвои некои клупски и индивидуални остварувања. Во продолжение ви издвојуваме некои необични рекорди.
ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
– Баерн забележа 15 рекордни победи во низа, а Марсеј пак постави неславен рекорд од 13 порази по ред.
– Карим Бензема од Реал Мадрид и Лионел Меси од Барселона му се придружија на Рајан Гигс од Манчестер јунајтед, постигнувајќи гол во 16 различни сезони. Но само Бензема и Меси постигнале гол во 16 последователни сезони.
– Ерлинг Браут Холанд постигна 16 погодоци на првите 12 меча. Пред него, Бразилецот Адријано имаше 11 гола на воведните 12 натпревари.
– Фудбалерот на Борусија Дортмунд, Јусуфа Мукоко (16 години и 18 дена) стана најмладиот играч во ЛШ на мечот во шестото коло против Бриж. Претходниот рекорд на Селестин Бабајаро (16 години и 87 дена) опстојуваше повеќе од 26 години.
– На натпреварот против Севилја, Оливие Жиру (34 години и 63 дена) стана најстариот играч што постигнал хет-трик, по Ференц Пушкаш (38 години и 173 дена) за Реал Мадрид во септември 1965 година.
– Мирчеа Луческу стана најстариот тренер што предводел тим во ЛШ, на возраст од 75 години и 83 дена. Роналд Куман со Барселона стана петтиот тренер што предводел најмалку шест екипи во ЛШ и им се придружи на Карло Анчелоти (осум), Клаудио Раниери, Жoзе Мурињо и на Рафаел Бенитез (сите по шест).
ЛИГА ЕВРОПА
– На мечот против Арсенал, фудбалерите на ирскиот Дандалк не направија ниеден прекршок, прва екипа со таков ефект во ЛЕ, по 11 сезони.
– Арсенал, пак, стана деветтиот тим што освоил максимални 18 бода во групната фаза. Такво нешто им успеало на Салцбург (трипати), Зенит (сезона 2010/2011), Андерлехт (2011/2012), Тотенхем (2013/2014), Динамо Москва (2014/2015), Наполи (2015/2016), Шахтар (2016/2017) и на Ајнтрахт Франкфурт (2018/2019).
– Динано Загреб прими само еден гол, со што го израмни рекордот на Стандард Лиеж од сезоната 2011/2012 и на Салцбург од 2017/2018.
– Јусуф Јазичи од Лил е првиот во историјата на ЛЕ што постигнал два хет-трика на гости, на мечевите со Спарта Прага и со Милан.
– Фудбалерите на Баер постигнаа 21 гол во групната фаза, три повеќе од која било германска екипа претходно. Рекордот со 22 гола го држи Наполи, од сезоната 2015/2016.
– Во третото коло беа постигнати рекордни 93 гола, 12 повеќе од која било друга рунда натпревари во групната фаза.
– Вилјареал постави два нови рекорда, за најмногу освоени бодови во групната фаза (106) во Купот на УЕФА и ЛЕ и за најмногу погодоци во групната фаза (88). Вилјареал го израмни и рекордот на Севилја за најмногу победи во ЛЕ, 42.
– Бенфика не загуби ниту еден од трите натпревари на домашен терен, со што ја продолжи серијата од 25 меча дома без пораз во ЛЕ.