Поранешниот градоначалник на Град Скопје и функционер во ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски како сведок на рочиштето за организаторите на „27 април”, рече дека партијата немала учевство во протестите на „За заедничка Македонија”. Според него, народот излегол на улица бидејќи, како што кажа, почувствувале дека нешто се подготвува во Македонија.
– Во 2016 година, декември, ВМРО-ДПМНЕ доби најголем број на пратеници во парламентот. Притоа, се направија такви комбинации со кои партијата не можеше да формира влада. Се направи мнозинство. Се вознемири политичката сцена во Македонија и народот нормално кој што даде најголема доверба со оглед на пратениците кои ги добивме, поради тоа излегуваа на улица. Почувствуваа дека нешто се подготвува во Македонија, тоа се мои претпоставки. ВМРО-ДПМНЕ, овие протести ги оцени како спонтани, ненасилни. ВМРО-ДПМНЕ немаше учевство во овие протести – рече Трајановски.
Контакт со Јанакиески и Ристовски имал, но не за 27 април, рече Трајановски, појаснуваќи дека тој во тој период бил градоначалник. Тој негираше дека обвинетите ги координирале градскиот комитет во Скопје. Трајановски беше дециден дека ВМРО-ДПМНЕ не ги организирало протестите кои резултираа со насилен влез во Собранието.
– Со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски не сум имал конктакт за протестите. Јас никогаш не сум ургирал на ниту еден во администрацијата да излегува на протести, ниту сум влијаел врз институциите под надлежност на Град Скопје – додаде Трајановски.
Тој негираше дека Јанакиески и Ристовски имале меѓусебна комуникација поврзана за настаните од “27 април”.
– Моите сознанија се дека ниту Спиро Ристовски, ниту Миле Јанакиески имале комуникација поврзана со „27 април” – рече Трајановски.
На денешното судење како предлог на обвинетите, ќе сведочи и претседателот на градскиот комитет на партијата, Владимир Неловски.
Од страна на вешто лице Мирослав Котевски ќе биде презентиран и вешт наод за телефонските комуникации на обвинетите Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и осудениот Алекдандар Василевски-Нинџа.
Неловски: УМС не ги организираше протестите „За заедничка Македонија”
Претседателот на градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Неловски, посочи дека на протестите „За заедничка Македонија” имало и членови на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, сведочејќи на рочиштето за организаторите на „27 април”.
Според Неловски, учеството на членови на тие и другите протести организирани во тој период е нормално, исто како што членови на СДСМ биле на протестите на „Шарена револуција”.
„Во тој период додека бев претседател на Унијата на млади сили имаше најразлични протести. Од нашата Унија имаше членови кои присуствуваа на протестите, не само на оние од ‘За заедничка Македонија’, нашата партија е демократска, тоа е нормлано. Ние сме демократска земја, можевме да видиме дека и на ‘Шарена револуција’ членови на СДСМ и јавни личности, така и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, маршираа на протестите од ‘За заедничка Македонија’”, кажа Неловски.
Според него, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ немал донесено одлука да се организираат протести.
„Нема одлука од Извршниот комитет за организирање на протести. Дека се разговарало за случувањата, да, за самите протести на ‘За заедничка Македонија’, но нема одлука за организирање. Не сум запознаен, односно ниту Јанакиески, ниту Ристовски не ме контактирале ниту разговарале со мене за протестите”, рече Неловски.
„Да сме разговарале за спорт и фудбал-да, а за да разговараме за ова треба одлука на Извршниот комитет на Унијата на млади сили и записник”, одговори Неловски запрашан дали Унијата на млади сили добивала насоки поврзани со протестите од Јанакиески и Ристовски.
Мицкоски вторпат не дојде да сведочи за „27 април“
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не дојде да сведочи ниту на денешното рочиште за организаторите на „27 април“. Тој по вторпат го одлага своето сведочење поради, како што кажа судот, приватни причини. Мицкоски ќе биде повикан да сведочи на следното рочиште.