Канцеларката Ангела Меркел ги повика Германците да избегнуваат посета на членови на семејството за време на божиќните празници поради пандемијата со ковид-19 и наместо тоа да им честитаат преку видео повик, како што прават војниците распоредени во странство.
Германија се бори со зголемување на бројот на заразени и мртви. Пофалбите на Меркел за успешно зауздување на првиот бран на пандемијата се претворија во критики за неуспехот во вториот бран.
– Жените и мажите кои се распоредени надвор од дома за да ја гарантираат нашата безбедност, знаат што значи да се има ограничен контакт со најблиските. Тие знаат што значи кога единствената опција е контакт подолг временски период преку Скајп – рече Меркел во својот неделен видео подкаст.
Германија во саботата забележа повеќе од 31.000 новозаразени, а 702 починаа од ефектите на ковид-19, соопшти институтот Роберт Кох. Тоа е двојно поголем од бројот на заразени на 15 декември, ден пред Германија да воведе строго затворање што ќе важи барем до 10 јануари.
Меркел упатува емотивни апели во пресрет на Божиќ и Нова година во кои ги моли Германците да избегнуваат непотребни патувања и да ги ограничат социјалните контакти на апсолутен минимум, додека здравствените експерти предупредуваат на зголемување на инфекцијата за време на празниците.
– Она што ги чека многумина од нас за Божиќ е вообичаено за луѓето во мисии во странство – рече канцеларката.
Германија се очекува да започне вакцинирање против ковид-19 на 27 декември, вакцина развиена од германски „Биоентек“ и „Фајзер“.