Чешка и Словачка оцениле дека текстот за заклучоците за проширувањето на ЕУ не е задоволителен, иако вчера била дадена начелна согласност, известува МИА.

Заклучоците на ЕУ за проширувањето предизвикаа незадоволство во македонската јавност, што се рефлектирало и кај земјите-членки на Унијата, според дипломатски извори во Брисел на МИА.

Германското претседателство се надеваше дека овие заклучоци ќе можат денеска да бидат усвоени формално од страна на Советот, но барем две земји негодуваат поради тоа што сметаат дека и се попушта премногу на Бугарија, како што дознава МИА.

Денеска, се чини дека пристигнало негодување од министерско ниво во Братислава и Прага, поради што не може да се усвојат заклучоците, и покрај увереноста на мнозинството дипломати во Брисел дека заклучоците ќе бидат усвоени во наредните 24 до 48 часа. Словачка бара повеќе време за да се согласи, додека Чешка предлага да не се усвојат заклучоците, според информациите на МИА.

Останува нејасно кои се опциите на маса за земјите-членки во однос на овие заклучоци. Германското претседателство има рок до 31 декември да изнајде решение.