Кривично дело е издавањето викендички на групи на луѓе кои не се од исто семејство, посочи министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Тој кажа дека веќе има оперативна акција од полицијата и се проверува издавањето на викенд-куќи. Според него, за време на новогодишните празници полицајците ќе прават увид и ќе поднесуваат пријави онаму каде ќе има групирања, што е спротивно на одлуките од Владата.
– Владата донесе сет на мерки кои ќе придонесат за спречување на ширењето на коронавирусот. Тоа се мерки кои не се популарни, но се неизбежни затоа што од една страна имаме ширење на болеста и ставање во опасност на животот и здравјето на граѓаните, а од друга страна е нормалното живеење на граѓаните. Секој од нас треба да придонесе да го спречиме ширењето на вирусот. Еден од заклучоците беше и во однос на издавањето викендички за луѓе кои се групираат во групи. Нема забрана за издавање викенд-куќи за семејства, но кривично дело е издавање викендички на групи на луѓе. Ние како МВР сериозно работиме, имаме оперативна акција за издавање на вакви викендички веќе постапуваат колегите, превентивно реагираме уште сега до издавачите на викендичките за да знаат што може да ги очекува ако го прават тоа. Плановите за контрола се прават, а ќе почнат од наредната недела – рече Спасовски.
Тој упати апел до издавачите на викенд-куќи да внимаваат при издавањето, а полицијата ќе постапува врз основа на законот.
– МВР ќе постапува врз основа врз основа на законот. Таму каде имаме сознанија дека има групирања на лица, во издадени викенд-куќи, ќе се направи увид и ќе се поднесе пријава. Тоа е кривично дело. Апел до издавачите, колку пари и да добивате за таа вила или викендичка за новогодишната вечер, не се доволно за чувството дека ќе придонесете за здравјето на граѓаните. Да помогнеме на лекарите, државата, системот. Сите заедно да ги почитуваме мерките, ќе дојдат моменти на запирање на вирусот и организирање прослави – додаде Спасовски.