Иселувањето е една од најголемите закани за нашата национална безбедност, истакна претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање. Според него, решението е час поскоро, со натпартиски консензус да се усвои стратегија за справување со овој огромен проблем.
– За ова, сите партии и политичари имаме идентичен став затоа што се иселува нашата младост, независно од етничката или партиска припадност. Неповратно заминува паметта, енергијата и креативноста на цели генерации кои имаат огромен потенцијал да ја направат својата земја пристојно место за живеење. По случајот во кој беше инволвиран првиот човек на некогашното СЈО граѓаните како уште повеќе да изгубија надеж дека правдата и борбата против корупцијата се возможни. Наша обврска како политичари е, не на некој друг, наша обврска е таа надеж дека правдата е достижна и дека нема недопирливи, да им ја вратиме на граѓаните. Владата ја постави борбата против организираниот криминал и корупцијата за свој највисок приоритет и тоа е за поздравување. Меѓутоа, во Владата, исто така, треба да бидат свесни дека успехот во таа борба, ќе биде во исто време и клучниот индикатор, според кој, не Брисел, туку нашите граѓани ќе ценат дали ќе го оправда мандатот што го доби на изборите на 15 јули – додаде претседателот.