Да не ги обременуваме компаниите со дополнителни, непотребни трошоци. Секое намалување на цените, на увозните и на извозните давачки, е плус за нив и за нивните партнери. Да им помогнеме да ја издржат кризата преку поедноставување или укинување на административните пречки и преку рационализирање на трговските процедури, порачаа од Стопанската комора на Македонија од граничниот премин Табановце – Прешево, каде што имаа прес-конференција на тема „Приоритетните чекори за поттикнување на економската активност и раст на извозот“. Царинската управа најави реконструкција на граничните премини Деве Баир, Ќафасан и Делчево, нивно проширување со дополнителни ленти за проток на стоки, како и продолжување на реформите во делот на давачките и процедурите.
– Никој не можеше да претпостави колку ќе трае кризата и како да се димензионираат мерките. Има претпоставки дека до пролет или до лето сѐ ќе заврши, но компаниите секојдневно се соочуваат со предизвици, дали можат да ги задржат вработените и како да функционираат, со колкав капацитет. Поголемите можеби ја преживеаја кризата, но некои од помалите не. Затоа, се бараат средства и механизми по секоја основа за опстанок. Битно е како да ја олесниме нивната работа и да ја зголемиме конкурентноста – рече в.д. извршната директорка на СКМ, Билјана Пеева Ѓуриќ.
Комората за раздвижување на надворешнотрговската размена апелира да се намалат царините за медицински материјали и за прехранбените производи што се дефицитарни на домашниот пазар.
– Врвен приоритет е одржувањето непрекината врска на транспортните коридори, но не само со регионот туку и со државите-членки на ЕУ, со кои ние годишно реализираме повеќе од 70 отсто од размената – посочи Пеева Ѓуриќ. Таа ја истакна потребата од даночни олеснувања, измена на Законот за царинска тарифа за подобро усогласување со потребите на бизнис-секторот, во насока на создавање предуслови за подолгорочно одржлива конкурентност и за привлекување нови странски директни инвестиции.
– Да им се помогне на извозно ориентираните компании да ги одржат капацитетите и вработените во одреден временски период, особено да се обезбеди помош за компаниите што не се дел од големи странски групации и кои мора со многу ограничени ресурси да се борат сами на странските пазари. Грантови или бескаматни заеми би можеле да бидат некои од мерките за дел од компаниите што привремено може да останат или се останати без обновени договори за работа, како и вклучување на овие компании во јавните набавки и/или во новоотворените проекти од страна на државата, во рамките на реализацијата на планираните капитални инвестиции – додаде Ѓуриќ.