Претседателот на ТУК истакна дека целат кон тоа романските туристи да ја посетуваат Македонија како полските и холандските, но додаде дека за реализација на тоа потребни се посистемски приод и директна авиолинија
Меморандум за соработка потпишаа претседателот на Туристичко-угостителската комора (ТУК) при Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), Аркан Керим и претседателот на Националниот патронат за туристички агенции во Романија Адриан Станчулеску. Целта на меморандумот е поддршка и промовирање на деловното опкружување во областа на туризмот, во Романија и во Македонија. Потоа размена на информации во областа на туризмот, зголемување на протокот на туристи и туристичките понуди, како и можности за искористување заеднички европски фондови поврзани со туризмот, преку развивање специфични услуги и привлекување директни инвестиции.
– Романија е заинтересирана за развој на туризмот со Македонија имајќи ја предвид близината на двете земји. Ова е дополнителен чекор во зацврстување на соработката меѓу реномираните туристички агенции од двете земји. Туроператорите, кои веќе ја имаат вклучено Македонија во нивните продажни каталози, детектираат интерес кај Романците за неколкудневен зимски туризам во Македонија, но и на Балканот, како и за летен туризам во Охрид – кажа Аркан Керим.
Претседателот на ТУК истакна дека целат кон тоа романските туристи да ја посетуваат Македонија како полските и холандските, но додаде дека за реализација на ова покрај близината меѓу двете земји потребни се посистемски приод и директна авиолинија.
Со потпишувањето на овој протокол за соработка го создадовме првиот чекор кон остварување соработка меѓу туристичките агенции од Романија и од Македонија, истакна Станчулеску.
– Да не заборавиме дека во Македонија се наоѓа балканскиот Ерусалим, прекрасниот Охрид. Ова е прв чекор по кој ќе следуваат други, како на пример со заемна поддршка можеме да привлекуваме европски фондови. Потоа романските компании би можеле да бидат од огромна помош за македонските, понатаму воспоставување нова авионска линија помеѓу Романија и Македонија, со база во Охрид како и заемна поддршка кон привлекување други пазари – изјави Станчулеску. Тој додаде дека би сакале заедно со ТУК да ги стави во практика, во најкраток можен рок сите одредби од меморандумот за соработка.
Керим и Станчулеску го упатија барањето за воспоставување на директна авио-линија меѓу Македонија и Романија, до премиерите на двете земји кои задутре треба да остварат средба во Скопје.
На настанот присуствуваше и амбасадорот на Романија во Македонија, Виорел Станила, кој даде поддршка на зацврстување на соработката во полето на туризмот меѓу двете земји.
Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), во периодот јануари – декември 2017 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 16,6 отсто. Кај домашните туристи има зголемување за 6,3, а кај странските има зголемување за 23,5 проценти. Во периодот јануари – декември 2017 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 12,8 отсто, кај домашните туристи има зголемување за 5,2 проценти, а кај странските има зголемување за 22,8.
Според трговската размена, Романија е меѓу десетте најголеми трговски партнери на Република Македонија, поточно минатата година била на деветто место, со трговска размена од 422 милиони американски долари, извозот е 176 милиони американски долари, а увозот 246 американски долари. Е.Р.