Со есенските активности за раззеленување на Скопје и уредување нови зелени површини со висококвалитетни садници ќе бидат разубавени градските булевари 8 Септември, Христијан Тодоровски-Карпош, Босна и Херцеговина, АСНОМ, Никола Карев, Србија, Партизански одреди, Гоце Делчев, велат од Градот
СЕЗОНСКА АКЦИЈА ЗА РАЗЗЕЛЕНУВАЊЕ НА МЕТРОПОЛАТА
Расте бројот на зеленилото во Скопје. Во голема есенска акција изминативе денови зголемени се активностите на градските власти за раззеленувањето на градот. Неколку дена екипи на Градот интензивно работеа на средишните жардиниери на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош во скопски Бутел. Постојното исушено зеленило беше заменето со ново, кое целосно го смени ликот на булеварот. Вакви активности имаше не само во Бутел туку насекаде низ Скопје.
Она што можеби е најважно е тоа што се засадуваат дрвја што веднаш ја почнуваат својата функција во екосистемот на градот, бидејќи не се засадуваат мали, туку поголеми дрвја, кои имаат огромна улога во прочистувањето на воздухот. Во оваа есенска акција во метрополата ќе бидат засадени повеќе од 15 илјади висококвалитетни листопадни и зимзелени дрвја, на повеќе локации во сите скопски општини.
Како што информираат градските власти, голем број булевари и паркови ќе бидат подновени со дрвореди и со новоуредени средишни жардиниери.
– Со есенските активности за раззеленување на Скопје и уредување нови зелени површини со висококвалитетни садници ќе бидат разубавени градските булевари 8 Септември, Христијан Тодоровски-Карпош, Босна и Херцеговина, АСНОМ, Никола Карев, Србија, Партизански одреди, Гоце Делчев – велат од Градот.
Оттаму додаваат дека зелено разубавување ќе добијат и улиците 11 Октомври, кружниот тек во Чаир и други улици, како и градските паркови.
– Нови дрвореди ќе добијат и новиот парк кај Транспортен и новиот парк во Кисела Вода, локации што беа долгогодишни депонии. Како дел од акцијата се подигнуваат нови дрвореди, се дополнуваат постојните дрвореди, се обновува средишното булеварско зеленило, а се уредуваат и нови зелени површини, како и мали зелени плоштади – информираат градските власти.
Оттаму нагласуваат дека со оваа акција Градот ги продолжува новите стандарди на квалитет од претходните три години, со засадување висококвалитетни дрвја, високи до 5,5 метри, кои веднаш влегуваат во екосистемот на нашиот град, што е многу потребно за прочистување на воздухот.
Граѓаните ја поздравуваат оваа акција на градот. Велат дека зеленилото на Скопје му е најпотребно.
– Скопје во минатото беше зелен град. Преполно беше со паркови и со дрвја. Со урбанизацијата, за жал, останавме без нив и затоа сметам дека овие активности на Градот се едни од најзначајните и најпаметните работи што можеа да се направат. На градот му треба зеленило, нам ни треба зеленило за да можеме да дишеме, за да ни се прочистува воздухот. И не е само воздухот туку и летниот период, дрвјата разладуваат, што е од особена важност за пеколните горештини што ни ги носи летото – вели Верица Трајановска, жителка на Скопје.
Во септември, градскиот татко објави дека во метрополата рекордно е зголемен бројот на зелени површини.
– Во пресрет на есенското садење и зголемување на зелените површини, сакам да споделам една убава вест, а тоа дека годинава веќе е соборен рекордот на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ за подигање и обновување на зелени површини во нашиот град, и тоа над 117.000 квадратни метри, а јас очекувам дека оваа квадратура до крајот на годината ќе се зголеми. Станува збор за новоподигнати и обновени зелени површини – изјави Петре Шилегов.