Во организација на ОУ Центар за култура „Ацо Караманов“ и ОНБ „Браќа Миладиновци“ вчера и завчера во Радовиш се одржаа 47. „Караманови поетски средби“.
На овие средби во поетскиот мозаик со македонски поети и поети од странство учествуваа поетите: Никола Маџиров, Борче Панов, Вања Изова Велева, Марина Мијаковска, Јовица Илиќ, Даниела Андоновска-Трајковска, Валерио Орлиќ, Звонко Танески, Мамта Сагар и други.
Лауреат на наградата „Караманов“ за 2020 година е Кристина Николовска за стихозбирката „Разден“, а промотори на лауреатот беа д-р Марина Мијаковска и проф. д-р Венко Андоновски.
Се промовираше првата „Антологија на Караманови поетски средби 1967-2020 година“, а нејзин приредувач и промотор беше поетот Борче Панов. Како дел од програмата беше и промоцијата на книгата на Маи ван Фан „Новогодишно бањање“ и на Раед Анис Ал-Јиши „Зачуден барут“, а промотор беше проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска.
На овие средби се оддржа и трибината „Младите и новите трендови во македонската книжевност“ со проф. д-р Кристина Николовска, д-р Марина Мијаковска и проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска.
Средбите завршија со промоцијата на зборникот на поезија за деца и младинци „Тајна“ на приредувачот Славчо Атанасов, а промотор беше Изабела Ангелова.