Модната куќа „Кокев“ и Здружението за кардиоторакална хирургија (ЗКТХ) во заедничка хуманитарна акција за стипендирање на најдобрите студенти по медицина.
Оваа хуманитарна кампања со наслов „Docendo discimus“ што значи „Учејќи го другиот, се учам себеси“ има цел да ја подигне хуманоста кај нашите граѓани, за да се соберат средства, кои ќе бидат донирани на крајот од годинава во форма на стипендија наменета за студенти по медицина, кои имаат семејни примања под просечна плата во РМ и просечна оценка на студирање над 8,0. Сите студенти што ќе добијат стипендија од собраните средствата ќе бидат јавно објавени.
– Благодарен сум ѝ на Тања Кокев што го препозна овој проект како можност да придонесеме, колку што е во наша можност преку ваква хуманитарна акција да им се помогне на оние на кои им е потребна финансиска поддршка, за тие студенти кога ќе станат доктори да го пренесат своето знаење во нашата држава – изјави детскиот кардиохирург и претседател на ЗКТХ, Владимир Чадиковски.
По повод овој хуман проект, Кокев дизајнира специјални маици, кои наскоро ќе бидат пуштени во слободна продажба. Маиците ќе се продаваат на мобилни штандови и преку онлајн-уплата на посебна жиро-сметка, која здружението дополнително ќе ја објави.
– Иако станува збор за исклучително сериозна тема, кардиоторакална хирургија, сепак во договор со доктор Чадиковски дизајнот ќе биде забавен и симпатичен и се разбира ќе го носи препознатливиот моден печат на Кокев. Искрено се надевам дека на овој начин преку продажба на маиците, ќе успееме да собереме средства, кои ќе бидат дополнителен стимул за студентите на кои навистина им се неопходни за да можат да се дообразоваат. Имам амбиција да креираме маици, кои ќе станат препознатливи, не само поради тоа што ќе го носат знакот на Кокев, туку поради нивната крајна цел – вели Тања Кокев.