Земјите од регионот се со големи очекувања од кадровските промени во Белата куќа

ВО НАЈАВА НОВ ПРИСТАП НА АМЕРИКАНСКАТА ПОЛИТИКА

Едно отворено писмо од висок американски службеник, кое беше испратено по бугарското вето за почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија, повторно ја врати темата за потребата од поактивна улога на Вашингтон во решавање на балканските проблеми. „Охрабрувачки став“ искажан од помошник-државниот секретар за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт департмент Филип Рикер, кој неодамна испрати писмо до премиерот Зоран Заев во кое истакна дека САД остануваат посветени во поддршката на Македонија за нејзините интеграции кон Европската Унија, кај дел од македонската јавност беше примена со големи очекувања и нова надеж на македонскиот пат до ЕУ! За тежината на искажаните зборови за поддршка на Македонија, потврдува и тоа што писмото на Рикер беше споделено на социјалните мрежи од американската амбасада во Скопје.
„Билатералните прашања треба да се решаваат надвор од Европската Унија и од евроинтегративните процеси“, беше толкувањето на некои домашни аналитичари.
Од почетокот на кампањата за избор на нов претседател на САД, беше најавувано големото американско враќање на Балканот, во случај на избор на демократскиот кандидат Бајден. Очекувањата се дека тој, со своето богато политичко искуство и познавање на состојбите на Балканот, ќе биде клучен фактор во решавање на српско-косовскиот спор, но и во деблокирањето на уставните реформи во Босна и Херцеговина, за кои се верува дека ќе ја направат пофункционална држава.

Во однос на „историскиот“ спор меѓу Македонија и Бугарија, очекувањата на аналитичарите се дека новата американска администрација ќе направи посилен притисок на Софија да ги повлече националистички барања што се испраќаат на адреса на Владата предводена од Зоран Заев.
Даниел Сервер, професор на вашингтонскиот универзитет „Џон Хопкинс“, верува дека ќе има големи промени во американската надворешна политика, по доаѓањето на новата администрација предводена од идниот претседател на САД, Џо Бајден, кој ќе ја врати традиционалната американска политика на Балканот, но како што објаснува Сервер, ова значи дека ќе биде дадена поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на сите држави, вклучувајќи ги Косово, Србија и Босна и Херцеговина, но тоа не значи дека идната влада ќе ги игнорира политиките на администрацијата на Трамп.
– Во однос на улогата на Вашингтон во реформирањето на БиХ, моето лично мислење е дека е потребно да се промени Дејтонскиот устав. Тоа треба да го направат исклучиво граѓаните на Босна, а со тоа не треба да се занимава високиот претставник. Но тој може да реагира доколку биде нарушена независноста на државата – вели Сервер за „Гласот на Америка“.

Според него, Вашингтон ќе остане на идејата односите меѓу Србија и Косово да бидат нормализирани, со продолжување на економската соработка, во рамките на договорот што беше потпишан меѓу двете земји со посредствово на Доналд Трамп.
– Познато е дека, во основа, сите земји на Балканот се посветени на т.н. мини-шенген, а мислам дека за Косово и Србија ќе биде лесно да се оствари економската нормализација ако тоа го направат сите земји од Балканот, односно ако тоа биде засновано само на билатерална основа. Очекувам и постигнување политички договор меѓу Србија и Косово со почитување на територијалниот интегритет и суверенитет на двете држави, но не сум сигурен дека тоа може да биде постигнато – вели Сервер.
Наспроти позитивните сигнали од Вашингтон за поголемо учество во „внатрешните балкански проблеми“, решавањето на некои прашања ќе зависат и од одлуките на Европската Унија. Во многуте анализи по победата на Бајден на претседателските избори во САД се нагласуваше дека новата американска администрација своите политики кон Балканот ќе ги гради координирано и во консултации со Брисел. Ова особено беше споменувано за решавање на косовското прашање, за што и нема големи разлики во ставовите на сегашниот претседател Доналд Трамп.

За деновиве е најавен почеток на расправата за подобрување на трансатлантските односи по заминувањето на Трамп, информираа високи европски функционери. Претставниците на 27-те земји-членки на ЕУ ќе разгледуваат пет политички подрачја во кои е можно да се подобри соработката со САД, по четирите години „затегнати“ односи на релацијата Вашингтон – Брисел. Станува збор за усогласување на политиките во пет области: здравство, борбата против пандемијата, потикнување на економскиот развој, борбата против климатските промени, промовирање на мирот и безбедноста, што ги вклучува и мултилатерализмот. Во овие рамки ќе се градат и односите кон проблемите во земјите од Западен Балкан.