Црна гора и србија
Српскиот претседател Александар Вучиќ закажа состанок со премиерката Ана Брнабиќ и министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ за да разговараат за надворешнополитичките можности и односите во регионот, со посебен осврт на неодамнешните настани со Црна Гора. Деновиве Црна Гора и Србија влегоа во дипломатски конфликт поради историско прашање. Министерството за надворешни работи на Црна Гора побара од српскиот амбасадор Владимир Божовиќ да ја напушти земјата откако го прогласи за персона нон грата.
– По подолго и континуирано мешање во внатрешните работи на Црна Гора, преку однесувањето и изјавите што се невообичаени и неприфатливи за дипломатските функции, како и по повеќе усни и писмени предупредувања за ваквото однесување, вчера амбасадорот Божовиќ нелегално и нелегитимно го нарече подгоричкото собрание од 1918 г. „ослободувачко“ и „слободна волја“ на црногорскиот народ. Со тоа уште еднаш на најдиректен начин ја омаловажи државата што му даде дипломатско гостопримство – се наведува во соопштението на црногорското МНР.
Црна Гора во 2018 година донесе резолуција за поништување на одлуката на подгоричкото собрание, со која беше укинат дотогашниот суверенитет на Црна Гора, а нејзината територија припоена кон Кралството Србија и насилно беше детронизиран кралот Никола Петровиќ Његош.
Инаку, веднаш откако Црна Гора го протера српскиот амбасадор, Министерството за надворешни работи на Србија го прогласи црногорскиот амбасадор во Белград, Тарзан Милошевиќ, за непожелна личност.