Кристина Арнаудова и нејзиниот тим во хумана мисија
Хуманитарната активност на Кристина Арнаудова доби нова димензија. На нејзиниот проект „Среќа“, со кој таа им помогна на многу деца од цела Македонија, од минатата година му се приклучи и акцијата „Топол дом за сите“, која прерасна во телевизиски хуманитарен проект „Куќа“, какви што има низ целиот свет, а кај нас најпопуларна е српската емисија „Со Тамара во акција“, во која водителката Тамара Груиќ досега им помогнала на околу 300 семејства.
Деновиве на социјалните мрежи Кристина ја претстави пилот-емисијата на проектот „Куќа“, во која таа и нејзиниот тим му помогнаа на Ајнур Симоновски, самохран татко на пет дечиња од Скопје, кој живеел во многу тешки услови. Само по две недели, со ангажманот на голем број компании и хумани луѓе, тој добил нов, топол и, што е најважно, функционален дом.
– „Проект куќа“ произлезе од проектот,,Топол дом за сите“, кој моето здружение „Проект среќа“ го започна во декември минатата година. Во тој период снимивме и новогодишна песна и отворивме донациски броеви, чија намена беше да се донира за изградба на домови. За жал, медиумите не ни излегоа во пресрет, па проектот беше неуспешен, иако идејата беше да се реновираат или изградат одново домови каде што живеат семејства со деца во многу тешки услови и без основни услови за живот. На почетокот немавме никаква идеја дека ќе го снимаме, но во текот на подготовките и барањето спонзори и донатори со големи срца, кои би се вклучиле и заеднички би изградиле среќа за многу деца, сфативме дека одѕивот на компаниите би бил многу поголем кога тие за возврат би добиле реклама за тоа. Си рековме, ако тоа значи дека на тој начин ќе изградиме многу поголем број домови, тогаш во ред, се согласуваме да снимаме емисија – вели Кристина Арнаудова, авторка, водителка и продуцентка на „Проект куќа“.
Првата пилот-емисија е снимена со помош на пријатели, волонтери, добри луѓе, општествено одговорни компании од целата земја.
– Овој концепт на телевизиски емисии е веќе познат и многу популарен, а јас знам дека луѓето во Македонија едвај чекаа да видат дека некој и во нашата земја може и сака да го направи ова за нашите луѓе. Дали оваа емисија ќе продолжи да постои, зависи од тоа дали нашите телевизии ќе сакаат вакво нешто во својата програма. Овој проект го ставивме на пауза, бидејќи на денот кога ја завршивме куќата, СЗО прогласи пандемија на ковид-19 и моравме да запреме привремено. Но ние имаме желба, волја и капацитет да создадеме среќа за многу деца и се надевам дека наскоро ќе продолжиме, пред сѐ благодарение на генералните спонзори во градењето на оваа куќа, казината „Сенатор“ и хотелот „Пеинт ит блек“ – посочува Арнаудова..
Таа се надева дека новите емисии ќе продолжат да се снимаат напролет.
– Сметам дека како за прва епизода, извадивме максимум од она што го имавме на располагање. Јас не знам како се снајдов како водителка, никогаш во животот не сум помислувала дека еден ден ќе го правам ова, но навистина уживав! Сепак, за сите нас најважно е да создадеме среќа и да изградиме услови за нормален живот на што повеќе деца. Со снимање би продолжиле напролет, домовите се веќе одбрани и се низ целата земја, донатори имаме најмногу за внатрешно уредување, додека најтешко ни е да најдеме мајстори, компании за фасади и покривни конструкции.
Очекувам дека и тоа ќе го најдеме и компаниите полека ќе се вклучуваат. Како телевизиски проект, нема медиум што не би посакал такво нешто да има на програмата, но е исклучително тежок и скап за работа. Не знам дали ќе успеам, дали ќе имаме доволно пари, буџет, спонзори, донатори, ама ветувам дека ќе дадам сѐ од себе, затоа што, драги медиуми, Македонците заслужуваат конечно да гледаат емисии на својот јазик снимени од нас за своите сограѓани, приказни од нашиот живот – вели Арнаудова.
Како изгледала пред интервенцијата првата куќа во која живеат Ајнур Симоновски, самохран татко, и неговите пет дечиња може да се види во пилот-епизодата, која засега може да се погледне само на социјалните мрежи.