Епидемијата го достигна врвот минатата недела, сега бројките се стабилизираат, а Р-факторот на преносливост е 1, вели министерот за здравство, Венко Филипче.
– Во однос на болничките капацитети, во внатрешноста има капацитети близу 1.000 болнички легла, во Скопје интензивно работевме во изминатиот период за проширување на капацитетите на интерните клиники и се обезбедени близу 200 легла. Клиниката за оториноларингологија има капацитети кои се уште не почнале да се исполнуваат. Ќе бидат на располагање и 100 кревети некаде на почетокот на следната недела од приватните клиники – вели Филипче.
Министерот вели дека она што охрабрува е што покрај големиот број на новозаразени, расте и бројот на оздравени.
– Координацијата е секојдневна со директорите на сите болници во државата, се случува да некој пациент дојде ненајавен и да се створи нервоза кај семејството, но тоа се менаџира на дневна основа – вели Филипче.
Министерот смета дека бројот на смртни случаи расте на глобално ниво, од кои 81 процент во регионите на Европа и Америка.
– Во однос на регионот, забележително е дека бројот на нови случаи останува на високо ниво, многу благо се намалува, а бројот на смртни случаи останува висок на дневно ниво – вели Филипче.