„Мис Џонсон очигледно беше изненадена и возбудена од толку искрени изрази на симпатија од страна на скопјаните. На сите поздрави, таа одговараше со ,мерси`“. Непрестано давала автограми, а кога ја поканиле на појадок во хангарот, одговарала и на прашањата од новинарите и граѓаните
Првиот славен лет на англиската авијатичарка Еми Џонсон на релацијата од Лондон до Австралија се случил во мај 1930 год. Особено e интересно што таа приказна е поврзана и со градот Скопје. Еми Џонсон е родена во Хал во 1903 год. Во 1929 г. почнала да посетува курсеви по летање и станала страсна вљубеничка во авионите и височините. Нецела година потоа, се одлучила на храбар чекор, со кој се прославила во светот: сакала да биде првата жена што ќе ја прелета релацијата од Лондон до Австралија!. Ја нарекувале и Линдберг девојка и Кралица на височините. Самата набавила еден од тогашните популарни мали авиони „џипси мос“ и со него, на 5 мај 1930 г., полетала од аеродромот „Крејдон“ во Лондон, кон градот Порт Дарвин во Австралија.
Оттогаш, светскиот печат го следел секој детаљ од нејзиниот лет, а таа станала ѕвезда за која сите зборувале. Еве како била следена во весниците нејзината непредвидлива маршрута: „Мис Џонсон е на пат за Карачи“, „За 8 дена таа прелета 5.500 милји и пристигна во Калкута“, „Мис Џонсон тргнува денес од Рангун за Австралија“. Целиот свет е на нозе и ја следи младата Англичанка. Оштетувањата на авионот самата ги поправала, ја зафаќале силни бури, а се случувало да лета само два метра над површината на океанот. Во Порт Дарвин во Австралија пристигнала на 24 мај 1930 год., пречекана од голема група обожаватели. Повеќето градови во Австралија ја прифаќале со воодушевување, а во Сиднеј ја поздравиле сто илјади луѓе. Во Бризбен, при слетувањето, авионот ѝ бил оштетен, а потоа спакуван во делови и испратен за Лондон.
Откако поминала шест недели во Австралија, мис Џонсон го започнала своето враќање со брод и пристигнала во Египет. Оттаму требало авионски да биде префрлена во Англија. Значи, таа слетала во Скопје, но со патнички авион, претходно патувајќи со брод од Австралија до Египет. Интересен е податокот дека во април 1930 год., британската компанија „Империјал ервејз“ воспоставила линија помеѓу Лондон и Индија, со задолжително слетување во Скопје. Од Египет, Еми Џонсон долетала во Атина, а потоа во Солун. Скопје ги очекувало патничкиот авион и нејзиното пристигање на 3 август 1930 год., во утринските часови. Каква била атмосферата во Скопје при пречекот, какви детали се познати и зачувани до денес? На скопскиот аеродром славната Еми Џонсон слетала на 3 август, нешто по седум часот, со авионот на „Империјал ервејз“, кој го носел името „Сити оф Глазгов“.
Еве како изгледал тој пречек во Скопје според тогашните записи: „Изутринава во Скопје долета славната англиска авијатичарка мис Еми Џонсон. Скопјани беа воодушевени, особено скопските дами, кои не сакаа да ја пропуштат оваа исклучителна шанса да ја поздрават хероината што ја прослави својата татковина, но и целиот женски род. Веќе од 6 часот наутро, на аеродромот започнаа да пристигнуваат пајтони и автомобили на угледни граѓани. Паѓаше во очи големиот број на скопските дами, меѓу кои имаше и неколку постари, во карактеристична скопска народна носија“. Кога слегла од авионот со својата придружба, на славната мис Џонсон прв ѝ пришол градоначалникот на Скопје, г. Јосиф Михајловиќ. Ја поздравил на англиски јазик, посакувајќи ѝ добредојде од името на граѓаните на Скопје и подарувајќи ѝ прекрасен букет од свежи рози. Била поздравена и од други високи личности од авијацијата и политиката во градот. Скопјани постојано ѝ отпоздравувале со мавтање на рацете, а Англичанката со својата појава и однесување веднаш ги освоила нивните симпатии.
Понатаму во записите стои: „Мис Џонсон очигледно беше изненадена и возбудена од толку искрени изрази на симпатија од страна на скопјаните. На сите поздрави таа одговараше со ,мерси`“. Непрестано давала автограми, а кога ја поканиле на појадок во хангарот, одговарала и на прашањата од новинарите и граѓаните. Прашање: „Зошто одлучивте да летате преку океанот?“ Одговор на мис Џонсон низ насмевка: „За да станам позната, тоа е во природата на човекот. Главен предизвик ми беше далечината меѓу Лондон и Австралија. На пат со авионот поминав 19 дена“. – „Кога ви беше најтешко?“ – „Тоа беше над океанот, во близината на островот Јава. Навлегов во бура што траеше пет часа. Тогаш првпат се помолив на Бога, и навистина се случи чудо. Авионот се крена над облаците и се појави виножито“. Пред тргнувањето за Белград, а оттаму за Лондон, една скопјанка ја поздравила со следните зборови: „Ви благодариме што дојдовте во Скопје, да го посетите нашето место. Дојдете ни повторно.
И ви посакуваме наскоро да бидете покрај младоженец“. Кога сето ова ѝ го превеле, мис Џонсон се насмеала од срце. Подоцна изјавила: „Во Скопје имав убав пречек!“
Во Лондон младата авијатичарка ја пречекале, ни помалку ни повеќе, туку – еден милион луѓе! Таа била нестрплива да го види својот репариран авион, кој веќе ја чекал на аеродромот „Крејдон“. Мис Еми Џонсон, за жал, загинала млада, во 1941 година, за време на Втората светска војна. При еден лет, авионот со кој таа управувала, од непознати причини, се урнал во реката Темза. Нејзиното тело никогаш не било пронајдено!