Организаторот во Талин доби дозвола од ФИБА дуелите Македонија – Италија, Македонија – Естонија, Русија – Естонија и Италија – Русија да се играат со присуство на ограничен број гледачи, со строго контролиран протокол
КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2022
Со присуство на публика треба да се игра вториот квалификациски дел од групата Б, за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2022 година, кој е планиран да се одржи од 28 до 30 ноември, во т.н. „балон“, во Талин (Естонија), а на кој ќе настапи и македонската машка кошаркарска репрезентација.
Организаторот на квалификацискиот турнир доби дозвола од Светската кошаркарска федерација (ФИБА), натпреварите Македонија – Италија, Македонија – Естонија, Русија – Естонија и Русија – Италија да се играат со присуство на ограничен број гледачи, но, поради пандемијата на коронавирусот, со строго контролиран протокол, кој вклучува задолжително носење заштитни маски за сите присутни во салата во Талин и низа други мерки на претпазливост.
Познати се и цените за влезниците на сите натпревари и тие ќе се продаваат одделно за секој од предвидените четири натпревари на турнирот. Така, влезниците за дуелот Италија – Македонија (28 ноември) ќе чинат од девет до 11 евра, а оние со домаќинот (30 ноември) од 25,8 до 40,8 евра. Средбата Русија – Италија може да се следи во живо за од 16,8 до 30,8 евра, а натпреварот Естонија – Русија за од 25,8 до 40,8 евра.