ФИФА го одложи објавувањето на новата ранг-листа, која треба на нов начин да ги пресметува резултатите на репрезентациите, а на една друга листа, која предвид ги зема сите мечеви во историјата на селекциите, на првото место изби новиот светски првак, а Македонија сега има скок од 15 места за една година
Франција го презеде врвот, а Македонија е 78-ма на најновата ранг-листа според т.н. систем „ело“. Светската фудбалска федерација (ФИФА) го одложи новото рангирање, кое требаше да биде објавено по завршувањето на Светското првенство (СП) во Русија, и тоа со примена на поинакви пресметки отколку досега. ФИФА досега ги сметаше резултатите од последните четири години на секоја селекција. Според новата математика (на пример помала важност на пријателските, а поголема на финалните турнири на СП или на континентите, поголема важност на нокаут-средбите отколку тие во групната фаза итн.), се очекува врвот да го препушти Германија, по елиминацијата во првата фаза на СП 2018.
Според листата „ело“, која во пресметките ги зема предвид сите мечеви на репрезентациите во нивните истории, но зема предвид и други фактори, Франција е прва со 2.127 поени и со скок за пет места во 12-месечниот циклус. Втор е Бразил (пад за едно место во однос на листата од пред една година), трета е Белгија (+8), а понатаму следуваат Шпанија (+0), Германија (-3), Уругвај (+12), Хрватска (+9), Португалија (-3), Колумбија (-2), Англија (+0)… Македонија има 1.518 поени и едногодишен скок од 15 места.
Црвено-жолтите на минатото рангирање на ФИФА, за јуни, имаа 451 поен и беа на 71-то место. Според пресметката на сајтот на ФИФА (можеби според стариот метод), црвено-жолтите би имале 495 поени. Според истите пресметки, Германија може да има 1.271 поен, Бразил 1.627, Франција 1.646, Белгија 1.618, Англија 1.241, Хрватска 1.345, Португалија 1.208, Аргентина 1.177, Швајцарија 1.252, Шпанија 1.232, итн.
НОВИ КОЕФИЦИЕНТИ НА ФИФА ЗА ПРЕСМЕТКИТЕ НА РЕЗУЛТАТИТЕ
5 пријателски надвор од календарот на ФИФА
10 пријателски во календарот на ФИФА
15 групна фаза на Лигата на нациите
25 плејоф и финални дуели во Лигата на нациите
25 квалификации за СП и за континентални првенства
35 групна фаза на континентални првенства
40 нокаут-фаза на континентални првенства и Куп на конфедерации
50 групна фаза и осминафинале на СП
60 четврт-финале, полуфинале и финале на СП