На македонскиот премиер Зоран Заев, денеска, во Берлин, му беше врачена наградата за човекови права за 2020 година, која ја доделува Фондацијата „Фридрих Еберт“.
По тој повод, говореа голем број европски политичари, а наградата му ја врачи германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас.
Претседателот на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Курт Бек, истакна дека тоа што премиерот Заев го направил за Северна Македонија и Европа е од исклучително значење.
– Вашиот придонес за човековите права, особено преку концептот „Едно општество за сите“, е придонес за вредностите на Европската Унија – порача тој обраќајќи се до Заев.
Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, во својот поздравен говор, со кој и му ја додели наградата на премиерот Заев, истакна дека Заев го донел достоинството на демократијата во неговата земја како прв чекор кон Европа.
Мас потенцира дека Германија заедно со Македонија ќе продолжи да работи и во наредните денови за да се постигне успех и да се одржи првата меѓувладина конференција во времетраење на германското претседателство.
На церемонијата беа презентирани повеќе видеообраќања со честитки и многу емотивни пораки за премиерот Заев, на кои се јавија поранешниот грчки премиер, Алексис Ципрас, специјалниот пратеник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.