Куп од неотворени пораки со честитки за победата на претседателските избори во САД го чекаат Џо Бајден во Стејт департментот, бидејќи администрацијата на Доналд Трамп го спречува да пристапи до нив, пренесува Си-ен-ен.
Вообичаено, Стејт департментот поддржува секаква комуникација меѓу новоизбраниот претседател и светските лидери, поради што многу земји започнаа да испраќаат пораки за време на викендот. Но, овој пат, бидејќи претседателот во заминување Трамп одбива да ја прифати победата на Бајден, десетици пораки не стигнаа до неговиот наследник.
Тимот на Бајден е во контакт со странски влади без помошта на Стејт департментот и тој оствари бројни повици со германската канцеларка Ангела Меркел и канадскиот премиер Џастин Трудо. Но, тие засега работат без логистичка и преведувачка поддршка што ја обезбедува оперативниот центар на Стејт департментот. Некои влади сметаат дека се движат низ непознат лавиринт, обидувајќи се да изнајдат начин за комуникација со тимот на Бајден, изјавија странски дипломати за Си-ен-ен.
– Тие би преферирале да ги користат ресурсите на Стејт департментот. Странските лидери почнаа да сфаќаат дека не можат да стапат во контакт со избраниот претседател и нивните тимови за помош им се обратија на поранешните дипломати од ерата на Барак Обама, за тоа како да испратат честитки до тимот на Бајден – рече извор запознаен со ситуацијата, кој истакна дека тимот на Бајден треба да се справи со неочекуваниот предизвик за олеснување на овие повици.
Бајден исто така е блокиран и не ги добива истите разузнавачки брифинзи, познати како „претседателски дневен брифинг“, и доколку администрацијата на Трамп продолжи да ја блокира транзицијата до денот на инаугурацијата, која е на 20 јануари, постои загриженост дека администрацијата на Бајден ќе има големи потешкотии кога ќе ја преземе функцијата.