Симеон Атанасов, музичар
Симеон Атанасов (44), посвоениот син на Есма и Стево Теодосиевски, чии две деца го носат нивното име, од својата седма година живеел со своите музички ментори во Белград, најпрво свирејќи на тарабука, а потоа станал ученик во естрадното училиште на Стево Теодосиевски и член на „Есма – ансамбл Теодосиевски“. Подоцна почнал да свири на хармоника и станал врвен музичар, но и композитор. Тој е автор на голем број песни што Есма ги снимила, а по смртта на Стево станал лидер на „Есма – ансамбл Теодосиевски“, подоцна „Есма бенд“, и настапил на повеќе од 3.000 концерти, на сите континенти.
Тој ни откри дека веќе подолг период пишува книга, чиј работен наслов е „Професор Стево и ние“, во која ќе открие многу непознати работи поврзани со неговиот и животот на сите деца што ги посвоија сопружниците Теодосиевски.
– Книгата почнав даја пишувам уште пред да почине Есма. Ќе биде многу искрена, ќе кажам многу работи, едноставно ќе си го отворам срцето. Знам дека многумина ќе бидат изненадени. Ќе стане збор и за нашето одење на „Евровизија“ и замената на песната „Империја“, чии автори бевме јас и Борче Нечовски, за недавањето дозвола за градење куќа на Водно, за големите успеси, концерти, турнеи, средби, но и разочарувања. Соработувам со писателот Александар Кујунџиски од издавачката куќа „Антолог“, кој ми помага во пишувањето – ни откри Атанасов.
Симеон, кој сега го раководи „Есма бенд“, во кој солистка е Елеонора Мустафовска, чие уметничко име е Малиша, ни откри уште една новина.
– Елеонора, за која Есма велеше дека е нејзина единствена наследничка, сега живее во Белгија, таму е омажена. Имаме постојани контакт и работиме на нови песни. Кога ќе се создадат услови, ќе ги издадеме и ќе продолжиме со настапите и со турнеите. Периодов на затишје го искористивме за подготовка на ексклузивното дискографско издание „The best of Esma“ за издавачката куќа „АРЦ мјузик“ од Лондон. Тоа ќе биде мултимедијално цеде, во кое, освен нашите најпознати песни, кои беа дел од сите наши настапи, ќе има и некои постари песни – најави Симеон Атанасов.
По смртта на Есма Реџепова, тој сесрдно се бори да се оствари нејзината најголема желба, запишана и во нејзиниот тестамент, нејзината куќа на Кале, во Скопје, која таа ѝ ја остави на државата, да се претвори во музеј и музичко училиште, каде што талентирани деца од сиромашни семејства би учеле да свират на разни инструменти. За жал, и покрај неговите и заложбите на здружението „Есма и Стево Теодосиевски“, и по четири години од смртта на Есма, ништо не е направено на тој план.
Куќата е ограбена и запуштена, а поради судски спор со семејството на Реџепова, работите никако да се поместат од мртва точка.
– Во декември се навршуваат четири години од смртта на мојата мајка Есма, а државата сѐ уште ништо не презема за да се реши судскиот спор. Целиот објект е изграден од лични средства на Есма и Стево Теодосиевски и од парите на сите членови на ансамблот. Не сме зеле ни еден денар од ниедна турнеја, а лично јас имам настапувано на повеќе од 3.000 концерти во текот на сите години, почнувајќи од 1984 година, па до смртта на Есма. Не можат Реџепови да бараат нешто што не им припаѓа, а притоа да немаат вложено една тула во ѕидовите на оваа куќа. Таа, според тестаментот, треба да ѝ припадне на Македонија, поточно на Министерство за култура, и да биде музеј, музичко училиште за деца што немаат можност да платат, а имаат талент за музика. Јас сакам да ја продолжам таа традиција што трае повеќе од 60 години. Мојата цел е да се отвори музејот на Есма и Стево Теодосиевски, а со тоа и да се исполни и нивниот аманет – вели Симеон Атанасов.