По долги барања, ургирања, лобирања, пред извесно време општината Битола ги доби одобрението за конзервација и реконструкција на домот од Управата за заштита на културното наследство и градежната дозвола од Министерството за транспорт и врски, но сѐ уште не е решено за што ќе се користи
Офицерскиот дом, еден од архитектонските симболи на Битола, за кој битолчани со право велат дека е најрепрезентативниот објект во градот, наскоро ќе може да се реконструира. По долги барања, ургирања, лобирања, пред извесно време општината Битола ги доби одобрението за конзервација на домот од Управата за заштита на културното наследство и градежната дозвола од Министерството за транспорт и врски. Со добивањето на овие две дозволи, конечно се отстранети сите пречки за почеток на изведбените работи. Но, проблемот е во тоа што сѐ уште не е решено за што ќе се користи домот, и покрај многубројните идеи за негова намена.
– Веќе нема никакви пречки да почнат реконструкцијата и обновата на Офицерскиот дом во Битола. Иако вадењето на потребните дозволи ни одзеде доста време и енергија, сепак деновиве конечно ги добивме двете потребни дозволи за реконструкција, без кои не можевме да почнеме никакви активности. Сега кога ги имаме сите потребни документи, првото што ќе почнеме да го работиме ќе биде подготвување на тендерската документација за набавка и монтажа на дограмата на домот, со што во голема мера ќе го заштитиме од натамошно пропаѓање, а со тоа ќе ги спречиме сите оние несовесни граѓани што во изминатиот период го уништуваа и демолираа овој објект – велат од локалната самоуправа.
Сега во општината очекуваат да пристигнат парите од Владата, која издвои десет милиони денари за таа намена. Со овие средства е планирана санација на покривната конструкција. И општината издвои десет милиони денари, со кои ќе почнат првичните активности за реконструкција, но во наредниот период ќе треба да се издвојат дополнителни финансиски средства за целосна обнова. Инаку, домот буквално пропаѓаше во изминативе години и беше собиралиште на наркомани и бездомници, кои оттаму украдоа сѐ што можеше да се украде. Беше украден и кристалниот лустер, кој ја красеше централната сала, каде што се одржуваа познатите конзулски балови во Битола, по кои тој беше препознатлив.
Основното јавно обвинителство во Битола неодамна поднесе кривична пријава против ексградоначалникот Владимир Талески, против кого во Основниот суд се води процес затоа што дозволил домот да остане без заштита и да биде цел на крадците, иако во меѓувреме му беше даден под концесија на сопственикот на хотелот „Епинал“, покојниот Ристо Пеев, кој откако виде дека тешко може да го стави објектот во функција, го раскина договорот и му го врати на Министерството за култура, кое подоцна ѝ го предаде на локалната самоуправа. Оттаму повторно ѝ го вратија на Владата, која, пак, откако не успеа да ја реализира продажбата на објектот на електронска аукција и масовните протести во февруари 2016 година, ѝ го врати на општината.
Сега, кога се очекува Офицерскиот дом конечно да биде реконструиран и обновен, останува да се види која ќе биде неговата намена, бидејќи многубројните трибини, тркалезни маси и средби на невладините организации и здруженија не резултираа со дефинитивна одлука за тоа како ќе се користи домот.
Еден од предлозите беше домот да биде резиденционален објект за градоначалникот на Битола, некои сметаат дека тој треба да биде културен центар, во кој ќе се одржуваат концерти, балови, литературни среќавања, а некои предлагаат тој да биде место каде што ќе се регистрираат младите брачни двојки во Битола.
Загрижуваа тоа што и претходната власт имаше големи планови за домот, но од сето тоа остана само руина. Офицерскиот дом и неговата заштита и ставање во функција беа главно ветување и на актуелната градоначалничка на Битола, Наташа Петровска, која веднаш по стапувањето на функцијата вети не само негова реконструкција, туку и целосна обнова.
Според битолските хроничари, темелите на Офицерскиот дом во Битола се поставени во 1909 година, од страна на Абдул Керим-паша, кој беше ктитор на објектот. Домот, кој се наоѓа на самиот Широк сокак, го проектирале австриски и италијански архитекти, а го граделе најпознатите мајстори од Смилево.