Против четворица членови на Државната изборна комисија (ДИК) и еден управител и сопственик на правно лице, Обвинителството донесе Наредба за спроведување на истражна постапка, поради сомнение за злоупотреба на службената положба при вршење на јавни набавки.
Од Обвинителстото информираат дека во временскиот период од февруари до септември годинава, во Државната Изборна Комисија, осомничените како членови на Комисијата за јавни набавки и осомничениот управител и сопственик на правното лице, со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка ги повредиле одредбите од Законот за јавни набавки со тоа што не утврдиле дека економскиот оператор не ги исполнува условите за учество во постапката, не спровеле правилна постапка за евалуација на доставените понуди во постапката за јавна набавка, ниту било објавено Известување за поништување на постапката за доделување на договор за јавна набавка во предвидениот законски рок.
Исто така, не било извршено тестирање и финален тест на софтверот пред истиот да биде имплементиран и не бил извршен увид во спроведената постапка со преговарање, иако биле должни да го направат истото пред да биде потпишан Договорот, како и да утврдат дека Извештајот од спроведена постапка бил изготвен спротивно на Правилникот за начинот на пополнување на образецот на Извештајот од спроведената постапка.
Воедно, изготвувањето на техничката спецификација за јавната набавка била направена во консултации со учесник во постапката, спротивно од Законот за јавни набавки, со што за две правни лица била прибавена корист – право да учествуваат во постапката за јавна набавка и да склучат договор за истата.
„Со извршените дејствија е овозможено правните лица да се стекнат со противправна имотна корист во износ од 899.999 денари, како и износ од 349.500 денари“, велат од Обвинителството.
Надлежниот обвинител до Основниот кривичен суд – Скопје поднел предлог за определување на мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето; обврска на осомничените да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај државен орган; привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забарана за нејзино издавање и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.