МАК ГРГИЧ, ГИТАРИСТ (СЛОВЕНИЈА/САД)

Мак Гргич е ѕвезда на светската сцена: „Њујорк тајмс“ го нарекува надарен млад гитарист, а „Вашингтон пост“ вели дека е гитарист со ветувачка иднина. Широкиот и авантуристички репертоар сведочи за неговата разновидност и распространети интереси. Роден во Љубљана, Словенија, студирал гитара во Загреб, на музичката академија „Ели Башиќ“, кај познатиот Анте Чагаљ, а дипломирал кај Алваро Пиери на Универзитетот за музика и уметност во Виена.
Гргич е член на интернационалното жири на натпреварот за класична гитара во рамките на фестивалот „Тремоло“, кој е во тек во организација на ДКЦ „Карпош“

Како еден од водечките европски виртуози на гитара, кажете ни што очекувате од меѓународниот фестивал „Тремоло“ во Скопје?
– Посетата на Скопје и на моите пријатели на интернационалниот фестивал „Тремоло“ веќе подолго време ми беше горлива желба. Бидејќи ова сè уште не се случило во живо, среќен сум што слушнав дека локалниот тим е во можност да направи виртуелна верзија на фестивалот. Со нетрпение очекувам да ги видам настаните и многу сум среќен што можам да помогнам како дел од жирито на натпреварот. Најмногу од сѐ, со нетрпение очекувам да видам познати лица, кои не сум ги видел веќе некое време, и да ги проследам настапите на некои од моите пријатели, дури и виртуелно!
Бидејќи сте биле поканет и сте учествувале на сите поважни меѓународни фестивали на класична гитара, какви се вашите искуства од овие настани и натпревари?
– Уживам во единството на гитарската заедница, прикажана на мноштвото фестивали на гитара насекаде низ светот. За добро и за лошо, оваа заедница е составена од пријатели и каде и да сте во светот, на фестивал на гитара секогаш можете да најдете познато лице. Верувам дека тие пријателства во музиката имаат огромно значење. Најомилено нешто ми е кога ќе видам како младите таленти, кои допрва доаѓаат, носат нов бран свежи идеологии и како новото го мешаат со постојните традиции. Од мали до големи, фестивалите на гитара опфаќаат толпа љубители на гитарата, а тоа е добра работа, бидејќи и самата гитара може да се пофали со голема популарност.

До 14-годишна возраст го балансиравте вашиот статус на светски шампион во карате со вашата љубов кон гитарата. Како почнавте да учите гитара? Како го напуштивте каратето?
– Учењето гитара за мене почна поради љубовта кон инструментот. Го сфатив тоа како воннаставна активност, а подоцна почна да ме возбудува. Вештините на каратето, пак, во тоа време беа повеќе страст, а сега се страст од минатото. Во одреден миг се свртев кон музиката, а два момента беа поттик за тоа: слушање на Концертот за пијано на Рахманинов бр. 2, во изведба на Евгениј Кисин, кога бев тинејџер на 15 години, и вториот момент кога го скршив палецот на левата рака во спаринг-натпревар во карате. На крајот сфатив дека музиката е побезбедна и попријатна…

Каква беше патеката што ве доведе до класичната гитара?
– Мојот пат веројатно беше сличен пат како оној по кој поминуваат повеќето деца во Европа. Основно музичко училиште, како дел од воннаставните активности, потоа средно музичко училиште (во Љубљана, Словенија, а потоа и во Загреб, Хрватска), а на крајот диплома по музика. Сè се случи малку непланирано, но се чинеше дека следењето на природниот тек на нештата беше добар избор. Сон на секого е, претпоставувам, да заработува за живот од своето хоби и мислам дека тоа е она што се случи кај мене.

Настапувате низ целиот свет на различни светски музички сцени. Сепак, кога најмногу сте се забавувале на сцената?
– Два случаи ми паѓаат на ум како незаборавни, не мора да се и најзабавни. Првиот беше моето оркестарско деби како солист, кога го свирев Concierto de Aranjuez од Жоакин Родриго, во Санкт Петербург. Вториот беше комбинирана изведба на камерна музика со „Асад дуо“ и Џошуа Роман, која се одржа во Денвер. Оркестарското деби беше посебно од гледна точка на музичката кариера – соло-дебито, прво дотогаш, е секогаш е најтешкото и можеби најнезаборавното. Вториот пат, настапот во Денвер, каде што ги свиревме Пјацола и Копланд, беше момент што ми го смени животот, бидејќи влијаеше на начинот на кој дотогаш гледав на музиката и на изведувачката уметност, воопшто. Пред тој момент, мојата изведба ја сфаќав многу сериозно и строго, но потоа забележав дека добар изведувач е опуштен уметник, оној што ужива кога ја споделува својата уметност со публиката. За ова сознание треба да му заблагодарам на „Асад дуо“.

Претставен како талентиран млад гитарист од „Њујорк тајмс“ и гитарист што заслужува внимава од „Вашингтон пост“, вие сте ѕвезда на светската сцена. Дали го очекувавте сето ова кога ја почнавте вашата кариера?
– Навистина не тежнеев за каква било кариера во музиката. Повеќе ме интересираа други работи, но музиката го имаше оној магичен шарм што секогаш ме провоцираше на многу позитивен начин. Сè уште мислам дека мојата кариера ќе се развива понатаму на многу начини и дека има уште многу работи што треба да се подобрат, но јас сум среќен со начинот на кој сето ова функционира и досега.

Од етномузиката на вашиот роден Балкан до екстремна авангарда… Што најмногу уживате да изведувате?
– Колку сум постар, толку повеќе се враќам на музиката што е поблиска до моето срце. И покрај тоа што уживам во повремени умствени предизвици (свирење музика со минималистичка природа или авангарда), музиката на Балканот секогаш ќе биде поблиску до тоа што сум. Но не само тоа, секоја убава песна, која дава емотивна поврзаност, ми е пријатна. Но што и да свирам, на крајот, секогаш класичната музика ќе ми остане најблиска.

Каде се гледате себеси во имагинарниот континуитет помеѓу традицијата и иновациите?
– Отсекогаш сонував да имам способност да ги менувам плимата и осеката во големи размери и на позитивен начин – или барем она што го сметам за позитивно. Некои идеи досега се реализираа, но јас би сакал да си правам притисоци за иднината. За мене е голема страст да го споделувам своето искуство во градењето на музичката кариера и знаење за оваа индустрија со оние што сакаат да слушаат. Традицијата и иновацијата се како постар и помлад брат или сестра – едниот секогаш турка напред, а другиот го следи. Лично, најмногу сакам да имплементирам новини, но во рамките и со почитта кон традицијата.

Кои се вашите тековни проекти и што планирате во иднина?
– Без сомнение, поради сегашната пандемија се откажаа многу настапи. Кој би помислил дека кариерата во која уживав неодамна, со речиси 100 настапи годишно, ќе се одвива на ваков начин. Сепак, ова им даде простор на многу други идеи да се реализираат. Првпат досега горд сум што наскоро ќе издадам цеде со моја музика, родена од тагата и прифаќањето на оваа пандемична состојба. Исто така, воодушевен сум што ќе можам да видам и слушнам единство на гитарски стилови, изведувачи и љубители на класичната гитара од повеќе од 50 земји од целиот свет на една „виртуелна сцена“, и тоа во овие тешки времиња на дистанцирање. Овој проект е насловен „Оркестар на виртуелна гитара“, кој го почнавме заедно со Серџо Асад и Урош Бариќ. Проектот е дел од Конгресната библиотека во Вашингтон, како извонредно значаен културен проект настанат за време на пандемијата. Друг проект за кој сум среќен што се реализира е апликација за музичка игра што ја развивам и која неодамна е прифатена во рамките на развојната програма на еден универзитет. Оваа апликација настана како резултат на објавување соло-цеде на музика на Бах на добро темперирана гитара. Албум од ваков ранг е нешто со што би се гордеел секој класичен музичар.