Сѐ уште не мирува земјата во егејскиот регион на Турција, каде што бројот на загинати во земјотресот што го погоди пред четири дена Измир се искачи на 102, соопшти Управата за вонредни ситуации на Турција (АФАД). Од АФАД велат дека вкупно 143 лица се наоѓаат на лекување. Од повредените 1.026 лица, 883 лица се отпуштени од болница. Активностите за пребарување и спасување во Измир и понатаму продолжуваат. Во меѓувреме турските спасувачки екипи завчера успеале да го извлечат бебето Ајла Гезгин од урнатините во Измир, 91 час откако регионот беше погоден од земјотрес со јачина од 6,6 степени. Пренесувањето на бебето во болница беше проследено со аплаузи од присутните. Тунч Сојер, градоначалникот на Измир, изјави за „Си-ен-ен“ дека се срушени околу 20 згради во третиот турски град по големина, во кој живеат 4,5 милиони жители. Турскиот министер за внатрешни работи, на Твитер соопшти дека покрај Измир, оштетени биле станбени објекти и во шест други провинции. Земјотресот со јачина од 6,6 степени, кој го стресе егејскиот регион во Турција, исто така се почувствува и на грчкиот остров Самос, каде што засега се повредени најмалку 19, а загинаа две лица. Инаку, земјотресот беше почувствуван на источните грчки острови и дури до Атина и до Бугарија. За жителите на Самос беше издадено предупредување да останат дома поради цунамито што ги поплави пристаништето и околните улици. На жителите им беше соопштено да останат на безбедно поради афтершоковите, а локалните власти пријавија штети на дел од патната инфраструктура и на повеќе објекти.