Во организација на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ и библиотеката „Феткин“- Кавадарци вечерва со почеток во 18.30 часот а во рамките на манифестацијата „Кавадаречка културан есен 2020“ ќе се одржи промоцијата на најновата книга поезија насловена како „Ти, моја, безмилосна една“ на авторката Цветанка Колева.

Колева во 2012 година со својата прва поетска книга „Ладно кафе“, издадена за издавачката куќа „Или-Или“ од Скопје, е една од четирите поетеси чии книги ја сочинуваат женската едиција поезија „Русалки“. Заедно со неформалната група „Поетри слем Македонија“ зема активно учество на слем-сцената и настаните во земјава.

– На сцена ги имам слободните три минути. Ние двајцата сме во отворена врска – вели Колева. 

Таа пишува поезија, слем-поезија и кратки нарации. Нејзините стихови се објавени во локални алманаси, во публикации на збирки од конкурси и списанија од областа на културата и пишаниот збор.

Колева е претседателка на Здружението на органски производители „Биовита“ од Кавадарци. Нејзината вљубеност во пишувањето е еднаква со љубовта кон пчеларството и природата, па на нејзин начин ги спојува микросветовите, при што се овозможува спој на уметноста со органското земјоделство, во просторот за „нормално“ живеење.

„Ти, моја, безмилосна една“ е нејзино второ поетско дело издадено во издавачката куќа „Или-Или“. Книгата ќе ја промовира поетесата Снежана Стојчевска од Скопје, а стихови ќе презентираат актерите Александар Малинков и Игор Трпчевски.

Ми.М.