Четворица пациенти на штипското Инфективно одделение починаа за едно деноноќие. Меѓу нив единствено 62-годишен пациент од Штип бил позитивен на ковид-19, додека останатите пациенти од Светиниколско, Кратовско и од Виница биле сомнителни и ги чекале резултатите од тестовите, според портпаролката на Клиничка болница-Штип, Марина Шуманска, како што пренесуваат повеќе медиуми.
На штипското Инфективно одделение одделение се лекува вкупно 51 пациент од целиот источен регион, а се хоспитализираат оние со потешка клиничка слика. Притисокот за прием на пациенти се очекува да се намали од утре, кога треба да се стави во функција и Кожното одделение, додека моментно остануваат уште четири слободни кревети. Во тек е и технично доопремување на одделението со цел да се примаат и пациенти со полесна клиничка слика.