Поради големиот пораст на инфекции со коронавирус, Словенија ги заострува мерките, така од вечерва стапува на сила забрана за движење надвор од општинината во која што се престојува, најави премиерот Јанез Јанша. Ограничувањето на движењето надвор од општините прво ќе биде во сила седум дена за целата земја, а олеснување на мерките потоа ќе се воведе постепено по региони кои први ќе го ограничат ширењето на епидемијата, објави Јанша на својот профил на Твитер.
– Бројот на нови случаи на ковид-19 расте, затоа воведуваме нови мерки од владиниот план за контрола на ширењето на епидемијата – рече тој. Јанша истакна дека засега нема да има потреба да се сместуваат болни во шатори или други слични установи.
Во Словенија, во саботата се потврдени 1.675 нови случаи на инфекција со коронавирус, а починаа пет пациенти, што е втор најголем број на пациенти од почетокот на епидемијата. Бројот на пациенти во болниците продолжува да се зголемува, каде во моментов има 508 заразени, од кои 71 се во одделенијата за интензивна нега.
Од почетокот на пандемијата, во Словенија има вкупно нешто помалку од 23 000 заразени, а 241 лице починало.Во моментов има 625,8 заразени на 100 000 жители во последните 14 дена, што е една од поголемите бројки во Европа.
Од саботата се на сила мерки со кои се затворени продавници, освен оние што продаваат храна и основни потреби, забрането е работење на фризерски и салони за убавина, велнес центри, базени, кина, театри и спортски сали. Одлуката што Јанша ја објави е неочекувана, имајќи предвид дека деновиве се зборуваше само како последно средство.
Затворањето на општините, кое беше на сила во првиот бран на епидемијата во пролетта, наиде на многу остри критики и протести. Во тоа време, некои тврдеа дека тоа е непропорционално со опасноста.