Со бележење на хоризонталната сообраќајна сигнализација, деновиве заврши целосната реконструкција на коловозот од булеварот Видое Смилевски Бато во општина Аеродром.
На потегот од крстосницата со булевар Србија до булеварот Февруарски поход, во должина од седумстотини метри во двете насоки на булеварот В.С.Бато, освен реконструкцијата на асфалтот, во изминатиов период беше направена и нивелација на постојните шахти и сливници за одведување атмосферска вода, како и замена на оштетените рабници.
– Со оваа реконструкција направен е уште еден градежен зафат што во иднина ќе влијае врз олеснувањето на сообраќајниот метеж во овој дел од градот, бидејќи со целосната реконструкција на булеварот Февруарски поход, завршувањето на првата фаза од изградбата на булеварот АСНОМ, како и градбата на новиот мост од улица Васко Карангелевски кон Ќерамидница, граѓаните ќе добијат уште една сообраќајна алтернатива за намалување на времето што го поминуваат во возилата – велат од Град Скопје.