Љубљана – Словенечката влада не се откажува од предлогот да ангажира војска на границата со Хрватска, а доколку помине владиниот предлог за измена на Законот за одбрана, на границата би можеле да се најдат и до 2.000 војници, пишува порталот „Гласот на Истра“. Тоа би можело да се случи доколку изменетиот закон за одбрана добие мнозинство во парламентот. Првиот обид на Владата да го измени тој закон не помина во Комисијата за одбрана, кога за него гласаа 11 од 19 члена, а било потребно двотретинско мнозинство. Законот за одбрана, донесен во времето на мигрантската криза, подразбира дека војската на границата добива полициски овластувања.

Атина – Шефот на грчката дипломатија, Никос Дендиас, побара во писмо до еврокомесарот за проширување и добрососедски политики Оливер Вархеи да се разгледа можноста на суспендирање на царинската унија со Турција. Дендиас во писмото нагласил дека Анкара „продолжува еднострано да ја крши“ царинската унија со усвојување царини, законски и други мерки што не се предвидени со овој договор, пренесе во вторникот грчката новинска агенција АНА, повикувајќи се на дипломатски извори.


Бисер балкански

Нада Секулиќ: Гадафи ме викаше ќерката на Либија

Поранешната главна медицинска сестра на Муамер ал Гадафи, Нада Секулиќ од Белград, и оваа година даде некролог за годишнината од неговата смрт. Како што пренесува белградскиот весник „Новости“, Секулиќ секоја година објавува тажен спомен за некогашниот претседател на Либија Гадафи.
– Каде е тој, тука бевме и ние. Со текот на времето, сфатив дека нашите луѓе особено го сакаат и му се восхитуваат, бидејќи тие ја познаваа историјата. Тој беше образован човек, благороден, искрен борец за подобар живот на својот народ. Се плашам дека човек како него никогаш повеќе нема да се роди во Либија. Тој ме викаше ќерката на Либија – вели Секулиќ.